Македонската естрада е друштво што создава поп-музика која, не само поетски, туку и фактички е мртва уште пред да се роди. Членовите на оваа збирштина, без разлика што не можат и себеси да се залажат да веруваат во спротивното, се и здодевни плачковци. Читајќи чат-пат интервју или изјава за да уловам врвен метафизички бисер изминативе неколку години лесно ја забележав мантрата: спонзорите нè игнорираат, оставени сме на цедило кога ќе посакаме да снимаме албум, не постои начин да обезбедиме пари за да ни напишат сингл, а фотошопираните спотови останаа пусти соништа. Или кажано поинаку: пискотници се слушаат од синтисајзери до матрици за плејбек. Лигавењето, особено доколку нема никаква основа во реалноста, катадневно се покажува дека во Македонија дава извонредни резултати. Само треба да е доволно густо и константно. На нашите маалски забавувачи, кои замислуваат оти имаат капацитет како глобалните ѕвезди, течното, непрекинато, кукање им обезбеди предлог-закони за поттикнување на творештвото и за поддршка на музичката продукција.
Како божем рацете да им се стврднати од одгледување тутун, а не карактерот разгален од мигот кога службата ја почнале со четка пред огледало, фолк и поп-композиторите, заедно со интерпретаторите, на пат се да добијат дебели државни субвенции. Ако тие кои избрале музичка вокација досега самите со го плаќаа креирањето на триминутните парчиња радиска тортура, отсега целата јавност, со буџетски, со граѓански, пари ќе го спонзорира ова малтретирање. Во зависност дали се во прашање песни за клинци или, пак, дела од самодефиниран суперстар, тие ќе бидат наградени со суми од 400 до 4.500 евра. Да, добро прочитавте – четири илјади и петстотини од ЕУ-валутата или повеќе од 275.000 денари. Не за цел албум, туку за сингл-нумера. Помножете ги овие и другите слични цифри со 200 траки во различни категории и балонот достигнува ширина од неколку стотици илјади евра. Дотациите не се непозната и однапред лоша форма за поткрепа и зајакнување на сегменти од културата, но ако се користат како вештачко дишење за природно завршени кариери тие бездруго се пари фрлени во ветар.
Буквално, сепак, тие ќе завршат во џебовите на грст луѓе кои паднале на трите теста што се најбитни кога станува збор за музика и за каква било уметност – на времето во кое што творат, на критиката која ги оценува и на публиката што ги восприема. Ако без едно може пристојно, без две минимално, без овие три квалитети одеднаш не се ни помирисува мастило, а камо ли да се стави печат за релевантност на нечие творештво. Мнозинствто ликови запустени од желбата за шуплива слава исполнуваат критериуми за последната категорија и затоа најчесто се навикнати на ѕверење во празна сала. Да беа доблесни пред себе и свесни за ерата во која што опстојуваат одамна ќе сфатеа оти сега, повеќе од кога било претходно, работата, макотрпниот, запотен, напор, се тие што овозможуваат ем да креирате звук ем од него да плаќате сметки. Несомнено, ова се и години кога симболичната фраза за сечија шанса за 15 минути слава на Енди Ворхол се претвори во опипливо виреење под рефлекторите помалку од 300 секунди со помош на социјалните мрежи, селебрити блогерите и лажно реалната телевизија.
Александар Саздовски
Целиот текст можете да го прочитате на kulpop.mk.