20 млади дел од волонтерската програма во Собранието поддржана

Со свечено отворање, во Собранието на Република Северна Македонија вчера (10 октомври) беше одбележан почетокот на волонтерската програма за 20 млади лица, поддржана од Фондацијата за демократија на Вестминстер.

Преку оваа програма, волонтерите ќе имаат можност да присуствуваат на организирана академија, работилници и да имаат директна соработка со пратениците и службите на Собранието.

Тие, како што велат од Фондацијата, одблизу ќе се запознаат со улогата и работата на Собранието, ќе придонесат кон работата на законодавниот дом и ќе стекнат пошироки познавања за политичкиот систем, демократските вредности, улогата на граѓаните и младите. Од друга страна, Собранието ќе има можност да ја приближи својата работа до младите, додека истовремено ќе ја зајакне својата професионалност, ефикасност и кредибилитет. Програма ќе трае шест месеци.

Волонтерските програми во Собранието веќе долго време се препознаваат како успешен пример, а со цел заживување на таа традиција, Фондацијата за демократија на Вестминстер во соработка со Собранието, креираше нова програма за волонтерите.

Претседателот на Собранието г. Гаши, им се заблагодари на волонтерите за одзивот, посочи дека Собранието има широко отворена врата за нив, и додаде дека, доколку се истакнат во својата работа и се упорни, ќе се отвори можност за нивно вработување.

Генералната секретарка г-а Димовска и посака успех на оваа генерација на волонтери, и напомена дека и нејзината кариера започнала со волонтерство во законодавниот дом. В.Д. директорот на Фондацијата за демократија на Вестминстер во Северна Македонија г. Трајков во своето обраќање пред присутните истакна дека според дел од истражувањата на Фондацијата,

Собранието е една од најниско рангираните институции кај младите. Тој посочи дека токму оваа состојба, Фондацијата сака да ја промени заедно со Собранието, и затоа е изработена нова програма за волонтери која има за цел на Собранието да му овозможи да ја доближи својата работа до младите луѓе и воедно да ја зголеми својата професионалност и транспарентност.

Поранешната генерална секретарка на Собранието г-а Иванова го изрази своето задоволство што придонела кон обновувањето на волонтерската пракса, и додаде дека добрите пракси се препознаени и имаат континуитет и со новото раководство.