Предупредување за високи казни доколку имаат посетители во собите по 22.00 часот добија студентите од домот „Стив Наумов“. Според напишаното на објавата, студентите ќе платат казна од 2.000 евра, доколку во собата имаат посетител после 22 часот навечер. Сепак, најверојатно станува збор за грешка, бидејќи казната е 200 евра.
В.Д. директорката на Државниот студентски центар Даниела Темелкова не беше достапна да објасни за што станува збор. По низата поплаки од станарите, претседателот на Студентскиот парламент при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Кирил Спироски, вели дека ќе провери за што станува збор и ќе разговара со управата.
„Не се согласувам со формулацијата на објавата. Денеска имам состанок со директорката на Државниот студентски центар на кој ќе барам објаснување“, вели Спироски.
Радио МОФ контактираше и студенти кои живеат или живееле во студентски домови во странство, кои велат дека ваккви ограничувања и казни немало во нивните домови:
„Јас бев сместен во официјалниот студентски дом на Естонската академија за безбедносни науки. Tука имаше правило, ако имаш гостин и сакаш да спие кај нас мора да плати 4 евра од кревет за една вечер. Ама имаше и шверцери, немаше некоја контрола. Доколку некој се пожалеше дека има врева, дека седиме до касно и вревиме, утредента следуваа последиците. Но, најчесто беа усни опомени. Одговорна за нас беше координаторката на Еразмус, меѓутоа опомените и последиците беа дека ќе не вратат на матичните универзитети, дека по усмениот укор ќе добиеме и официјален или дека во нашето досие ќе биде заведено дека сме биле проблематични станари, но парична казна немавме, вели Иван Кантарџиски.
„Во студентскиот дом каде што прејстовјував во Англија правилата велеа дека до три дена можеш да имаш гости без да бидат најавени. Имавме листа на влезот каде што секој беше задолжен да го запише името и презимето на гостинот, доколку некој сака да остане повеќе од пријавата се правеше кај шефот на домот. Најважно од се им беше гостите да се запишани на листата, истото го бараа од безбедносни причини да имаат увид кој се престојува во домот. Парични казни немаше за ништо, доколку фатеа некој да престојува во домот а не е потпишан следуваше усна опомена а најстрогата казна беше бркање од домот. За редот и мирот се грижеа самите студенти. Доколку имаше врева, го користевме принципот од врата на врата, само треба да замолиш да бидат колегите потивки. Конторола од кампусот скоро и да немавме, имаше полиција и обезбедување но најчесто ги повикувавме за кражби или доколку се случи некој напад, вели Бојан Маричиќ.
„Во Холандија нема таков тип на студентски домови – повеќето од студентски живеалишта се раководени од приватни агенции, кои низ годините оствариле соработки со универзитетот. Има одредени правила за тоа кој што треба да прави, ама во принцип студентскиот дом ти е како стан, и можеш да имаш колку сакаш гости, и си сам на себе оставен за хигиена и многу други работи. Во принцип, можеш да правиш што сакаш, се доколку тоа не му штети на инвентарот или на некој друг од твоја околина. Мерки за гости после некој саат??? Тоа сум слушнала дека постои единствено во романите за сирачиња кај што раководителите не ги пуштаат да се дружат со надворешни и нашите студентски домови. Овде го нема тоа и можеш да се дружиш со кој сакаш, кога сакаш единствено ограничување за саати е тоа што во кампусот каде што живеев до лани предната порта се затвараше за надворешни после 22.00, со тоа што само ако ти живееш во кампусот ќе можеш да влезеш, ама никој не ти брани да внесеш 15 луѓе со тебе, вели Елена Мицајкова, која студира во Утрехт.