Скоро четири еколошки активисти биле убивани секоја недела во 2017 година, што претставува најсмртоносната година досега за екологистите, открива новиот извештај на „Глобал Витнес“.
Во извештајот, британската невладина организација посочува дека 207 луѓе го загубиле животот минатата година борејќи се против компаниите и владите кои нанесувале штета на животната средина.
Латинска Америка повторно е најопасниот регион за еко-активизмот, каде се случиле 60 проценти од убиствата. Според извештајот, Бразил е држава каде се регистрирани најголемиот број на смртните случаи, со вкупно 57 убиени лица во 2017 година, што е најголем број на убиства на еко-активисти во одредена држава регистрирани досега.
Специјалниот известувач за човекови права и екологија на Обединетите Нации, Џон Нокс, за Ал Џазира изјавил дека популацијата во Латинска Америка и ендемската корупција претставува особено опасно место за еко-активистите.
„Ги гледате автохтоните групи луѓе кои сè уште зависат од природните ресурси во шумите или водите кои веќе се дискриминирани или маргинализирани. Кога се јавуваат конфликти меѓу компаниите и властите кои сакаат да профитираат од природните ресурси со луѓето кои зависат од тие ресурси во земји или региони каде е слабо владеењето на правото, тогаш тоа многу поверојатно резултира во насилство и убиства“, рекол Нокс.
24 еко-активисти биле убиени во Колумбија минатата година, додека Филипини е најсмртоносната земја за екологистите во Азија, според извештајот.
Според „Глобал Витнес“, насилството против активистите е овозможено поради неказнивоста и корупцијата. Според извештајот, 92 проценти од одговорните за убиствата никогаш не се судски процесуирани.
Како што наведува извештајот, 115 од убиствата се поврзани со владини безбедносни сили, 25 проценти од убиствата се врз автохтони групи луѓе, додека 46 убиства се поврзани со агробизнисот.