Крис Никиќ минатиот викенд стана првиот човек со Даунов синдром кој успешно завршил „Ајронмен“ триатлон.
Гинисовата книга на рекорди му го верификуваше постигнувањето на 21-годишниот специјален олимпиец од Флорида, САД, откако тој го комплетираше тешкиот потфат кој се состои од 3,86 километри пливање, 180 километри возење велосипед и 42 километри маратонска трка.
„Ајронмен. Целта поставена и постигната. Цреме е за нова и поголема цел за 2021 година“, напиша Никиќ на Инстаграм по достигнувањето.
Тој успешно ја завршил трката за 16 часа, 46 минути и 9 секунди, што е за 14 минути побрзо од 17-те часа по кој се дисквалификуваат натпреварувачите.
На патот до целта Никиќ еднаш паднал од велосипед, а бил нападнат и од мравки во една продавница, но не се откажал и продолжил до целта, се наведува во соопштението од неговиот тим.
„Ние сме повеќе од инспирирани и твоето достигнување е важен момент од историјата на „Ајронмен“ кој никогаш повеќе нема да може да ти биде одземен“, му напишаа на Никиќ од организацијата на популарната трка.
Крис и неговиот татко Ник ја имаат развиено програмата „Предизвик 1 процент подобар“, со која се мотивираат во тренинзите. Идејата е да се промовира свеста за Дауновиот синдром преку постигнување на 1% подобрување секој ден.
„За Крис оваа трка е многу повеќе од преоѓање на целната линија и прославата на успехот. „Ајронмен“ послужи како платформа за да биде еден чекор поблиску до неговата цел на живеење живот на инклузија и лидерство“, вели Ник Никиќ за својот син.
По ова достигнување Крис Никиќ вели дека ќе се фокусира на Американската Специјална олимпијада во 2022 година, како и собирање донации за подигање на свеста за Даунов синдром преку неговата платформа.