23-годишната Кетлин О`Донел ја поднесе првата климатска тужба во светот против владата во Австралија, со обвинување дека власта ги довела во заблуда инвеститорите во државни обврзници без да ги открие ризиците поврзани со климатските промени.
О`Донел, која е студентка во Мелбурн, смета дека инвеститорите кои ги купуваат овие државни обврзници мора да имаат инфомации за тоа колкаво влијание врз државната економија ќе има климатската криза. Во тужбата се наведува дека климатските катастрофи ќе предизвикаат Австралија потешко да ги враќа своите долгови.
Ова е прва ваква тужба во светот, во која се споменуваат економските ризици со кои климатската криза се заканува на светскиот пазар на обврзници. О`Донел во тужбата не зборува само за хипотетички инвеститори, туку и самата е вклучена во процесот преку тоа што поседува владини обврзници преку Националната програма за пензии.
„Кетлин има обврзници од Владата на Австралија, кои доспеваат во 2050 година. Дотогаш, доколку властите не успеат да ги спроведат ефективните политики, влијанието на климатските промени се очекува да биде огромно“, велат од адвокатската куќа во Сиднеј кои ја застапуваат нејзината тужба.
Австралија е една од државите кои најсилно се соочува со глобалната климатска криза, а поради тоа не страда само економијата. На почетокот на годинава земјата се соочи со огромни шумски пожари кои изгореа преку 20 милиони хектари земјиште, а се предвидува дека временските услови само ќе се влошуваат во иднина. Сепак, австралиската влада нема преземено премногу за справување со ова. Таму продолжува обработката на фосилни горива, а на почетокот на јули едно истражување покажа дека земјата целосно ќе потфрли во целите кои си ги задала според Парискиот климатски договор.
Тужбата на О`Донел не ја застапува само неа, туку и сите сегашни и потенцијални инвеститори во владини обврзници. Во правниот случај, наместо барање финансиска оштета, се бара владата да ги признае грешките и пречекорувањето на нивните овластувања. Тужбата истовремено бара владата да бие судски принудена од промоција на државните обврзници додека не ги објават информациите за климатските ризици за инвеститорите.