Бидејќи немало контрола на враќањето на доделените средства за едократна финансиска поддршка на физички и правни лица од владините мерки за поддршка на професиите погодени од ковид-кризата, буџетските приходи биле намалени за 1,437 милијарди денари, односно околу 23 милиони евра, утврдил Државниот завод за ревизија.
Според нивната анализа работодавачите и физичките лица корисници на мерките за субвенционирање на придонеси и исплата на плати вратиле само 29% од пресметаната обврска за враќање, со што Буџетот е оштетен за скоро милијарда денари, додека за дополнителни, речиси 450 милиони денари, постои ризик да не се вратат во Буџетот од правни субјекти кои не ги исполниле условите. Според ревизорите, причина за оваа состојба е што институциите во Северна Македонија не располагаат со целосни податоци по основ на вратена финансиска поддршка по корисници во утврдените рокови и износ во Буџетот.
Овие наводи се дел од ревизијата “Преземени мерки и политики за поддршка на вработувањето и професиите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од Ковид-19“, која требаше да утврди дали владините мерки се ефикасно креирани, реализирани, контролирани, мониторирани и дали е обезбедено соодветно известување за ефектите од преземените мерки.
Со ревизијата биле опфатени 36% од вкупно планираните средства за 2020 и 2021 година преку Владината програма П – Мерки за справување со ковид-19 кризата, што претставува 12.637.534 илјади денари (околу 205 милиони евра) од кои се реализирани 11.512.447 илјади денари.
„Со извршената ревизија е утврдено дека постои висок степен на реализација на опфатените мерки за финансиска поддршка за исплата на плати и поддршка на професиите, но и дека постојат и разлики во податоците за број на корисници и одобрени/исплатени средства на корисниците кои се презентираат од различни надлежни институции. Постои отсуство на сеопфатен, меѓусебно усогласен и интегриран начин на водење на евиденција за одобрената и реализирана финансиска поддршка во Владата на РСМ по мерки, како и неусогласен пристап за информирање по однос на реализацијата на мерките што ја намалува транспарентноста и отчетноста на надлежните институции во трошењето на средствата и не создава услови за мерење на ефектите од истите“, стои во соопштението на Државниот завод за ревизија.
Ревизорите утврдиле и дека ненавременоста и малиот опфат на теренски контроли од 0,53% од доделениот износ на финансиска поддршка, начинот на избор на работодавачи за контрола, како и недоволната кадровска екипираност на институциите создаваат ризик дел од работодавачите да искористиле средства од финансиска поддршка без исполнување на предвидените услови со уредбите и законите.
Во ревизијата се посочува дека за подобрување на ефикасноста во планирањето и спроведувањето на идните мерки за зачувувањето на работните места и намалување на економските последици од пандемијата потребно е:
– правно уредување на вонредна состојба и донесување на стратешки документи за справување со последиците во услови на пандемија;
– планирањето и носењето на мерките да се темели на извршени анализи и дефинирани индикатори за мерење на успешноста на мерките;
– воспоставување на сеопфатна и комплетна евиденција за одобрената и исплатена финансиска поддршка по мерки и усогласен пристап за информирање по однос на реализацијата на истите;
– водење на евиденција за вратена финансиска поддршка по корисници и мерки, и преземање на мерки за наплата на средствата по основ на издадени решенија за враќање на финансиската подршка во буџетот на РСМ;
– зголемен опфат на спроведени контроли кај корисниците на финансиска поддршка и мерење на ефектите од спроведените мерки.
Целосната ревизија е достапна на следниов ЛИНК.