Вкупно 25 години затвор добија четворица поранешни високи македонски функционери кои судот ги прогласи виновни за организација на насилниот упад во Собранието на Република Македонија кое се случи на 27 април 2017 година, настан познат и како „Крвавиот четврток“.
Кривичниот суд во Скопје ги осуди обвинетите за кривичното дело „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“. Осудени се: поранешниот претседател на македонското Собрание, Трајко Вељаноски на затворска казна од 6 години и 6 месеци; поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески на затворска казна од 6 години и 3 месеци; поранешниот министер за образование, Спиро Ристовски на затворска казна од 6 години и 3 месеци; поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Владимир Атанасовски на затворска казна од 6 години.
Според пресудата, упадот во Собранието бил свесно организиран, допуштен и помогнат од осудените лица, со цел да се спречи формирање мирно предавање на власта. Судот ги прогласи обвинетите за виновни затоа што изготвиле план со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедност на Република Македонија со намера да оневозможат примопредавање на власта, а дополнително организирале и координирале со протестите за да се спречи избор на претседател на собрание, кои и финансиски ги помагале, а истовремено и ја намалувале и полицијата која го штити законодавниот дом.
Во истрагата беа опфатени и поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот вработен во Управата за безбедност и контраразузнавање Никола Бошковски, но постапката за нив е запрена додека не станат достапни на органите на прогон.