На првиот народен референдум во Хрватска повеќе од 65 отсто од излезените избирачи се изјаснија дека во Уставот треба да влезе одредба со која бракот се дефинира како заедница помеѓу еден маж и една жена, покажуваат резултатите од речиси сите избирачки места, пренесуваат хрватските медиуми.
Државната изборна комисија објави дека на референдумот од излезените гласаси 65,79 % или 942.665 гласале „за“, додека 33,59 отсто или 481.314 избирачи биле против внесувањето на таква дефиниција во Уставот.
Вкупно гласаа 37,90 % од регистрираните гласачи во Хрватска, што значи дека само 24,96% од вкупниот број на регистрирани гласачи гласаа „ЗА“ промена на Уставот.
Гласачите од само две хрватски жупании – Истарската и Приморско-горанската беа против ваквиот предлог. „Јутарњи лист“ пишува дека иако е евидентна разликата помеѓу гласачите во градските и руралните средини, поради тоа што во поголемите градови повеќе избирачи гласале „против“, сепак во главниот град Загреб, 56 % од граѓаните гласале за уставната заштита на хетеросексуалните бракови.
Мнозинството граѓани биле против во Чаковац (59%), Пула (64%), Риека (58) и Вараждин (57%) а на врвот од оние кои заокружиле „за“ се Госпиќ (82%), Пожега (72%), Славонски Брод (69%), Дубровник, Вуковар и Велика Горица со 68 проценти и Шибеник со 65 %.
Овој референдум кој неочекувано беше одбележан со многу ниска излезност на избирачите и кој пројде мирно и без инциденти, според најавите на премиерот Зоран Милановиќ, ќе биде последен во кој мнозинството одлучува за човековите права на малцинството. Вчера премиерот на Хрватска најави законски одредби кои ќе оневозможат во иднина за човековите и малцинските права да се одлучува на референдум. Тој за десетина дена најави нов Закон за животно партнерство кој ќе им овозможи на хомосексуалците да регистрираат брачни заедници.
„Се работи за тажен и бесмислен референдум и неговата цел е да биде „топовска подготовка за референдумот за кирилица“, рече Миловановиќ.
Иницијативата „Во име на семејството“ со нејзината лидерка Жељка Маркиќ која повика на забранување на геј браковите, на денот на референдумот им забрани пристап во нивниот штаб на повеќе медиуми со чие пишување не се согласува, чекор кој ги обедени сите хрватски медиуми кои потоа се солидаризираа и го бојкотираа известувањето од седиштето на конзервативците.
Оваа иницијатива со поддршка на Католичката црква, како и десничарските партии на чело со ХДЗ, собра повеќе од 700 илјади потписи за поддршка на распишување на референдумот на кој беа потрошени повеќе од пет милиони евра.
Владеачките партии пак, претседателот на Хрватска, Иво Јосиповиќ, повеќе од 80 граѓански организации и многумина интелектуалци и јавни личности дадоа поддршка на ЛГБТИ заедницата и ги повикаа граѓаните да гласаат против на референдумот.