25 организации бараат од Владата спроведување на Уставот и законите во случајот со туристичкиот комплекс Горица

Вкупно 25 организации поднесоа претставка до Владата и премиерот Христијан Мицкоски, укажувајќи дека одобрението за градење издадено за туристичкиот комплекс Горица според законите е ништовно.

„Ја поздравуваме заложбата на Владата за борба против корупцијата и за владеење на правото, особено истакнувана по трагедијата во Кочани, и целосно се согласуваме дека ‘корумпираниот систем не смее да победи’, истиот е ‘чудовиште кое ја проголтува иднината на земјата…’ и дека борбата против корупцијата не е и не смее да биде меѓу-партиска пресметка туку ‘борба на чесните против нечесните’“, се вели во претставката.

Сепак, според нив, уништувањето на највредното богатство на земјата и сите нејзини сегашни и идни граѓани – светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион, со пасивно и/или активно учество на државните институции, е дијаметрално спротивно постапување од она кое води до справување со корупцијата и воведување на правна држава.

Граѓанските организации бараат итно да се спроведат Законот за животна средина, Законот за градење и Законот за општата управна постапка, според кои одобрението за градење издадено без оцена на влијанието врз животната средина, дури и без решение за одобрување на елаборат за животна средина, е ништовно.

Во претставката се додава дека издавајќи го одобрението за градење без оцена на влијанието врз животната средина, Општина Охрид го спречи и остварувањето на уставното право на граѓаните да учествуваат во процесот на одобрување на проектот, гарантирано со Законот за животна средина и Архуската конвенција.

Организациите се осврнуваат и на улогата на Државниот инспекторат за животна средина и од премиерот и Владата бараат да се обезбеди испитување на можни коруптивни постапки од страна на сите посочени институции и вклучени лица.

„Државниот инспекторат за животна средина, институцијата чија основна должност е да го обезбеди спроведувањето на Законот за животна средина и да го заштити јавниот интерес – наместо да превенира, овозможи понатамошна деградација на природното наследство; заштити законски прекршувања, кривични дела, противуставни постапки и противзаконска материјална корист на Дивелоп Груп“, се истакнува во претставката.

Невладините посочуваат дека обврската за отстранување на градбата, враќање на природата во првобитна состојба и поништување на урбанистичкиот план на кој се базира актуелното уништување, ја налагаат и меѓународните договори – Бернската и конвенцијата на УНЕСКО, и потсетуваат дека одговорноста за нивното извршување законот ја лоцира токму кај Владата. Истите организации доставија претставка со слична содржина и барања и до Општина Охрид, а за целиот случај ги известија и пратениците, како и новоформираното меѓуресорско тело за координација на активности против корупцијата.

Претставката е испратена од страна на Фронт 21/42, Охрид ЅОЅ, Новинари за човекови права, Балканска Водна Мрежа, Институт за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје, Национален Рома Центар Куманово, Институт за комуникациски студии, Центар за правни истражувања и анализи, АРТ ПОИНТ – ГУМНО, О2 Иницијатива, Еко Логик, Вело Училишта, Зелен Хуман Град, Хумани Градови, Грин.орг Кочани, Го Сакам Водно, Здрава Котлина, Институт за човекови права, Центар за управување со знаење, Метаморфозис, Планетум, Еко-Живот, Движење на Екологисти на Македонија и Гоу Грин.