260 „Пежоа 205“ пристигнаа во Крива Паланка на турнејата на културна солидарност

800 волонтери од Франција со 260 возила „Пежо 205“ вчера пристигнаа во Општина Крива Паланка која беше домаќин на првата авантуристичка турнеја на солидарност на францускиот караван „Еуроп – Раид 2019“ (Europ’Raid).

Караванот е европска турнеја за културна солидарност, каде волонтерите патуваат низ континентот со возилата „Пежо 205“. Нивната мисија е да донираат вкупно 17,5 тони училишни материјали, прибор и училишна опрема во неколку балкански држави, меѓу кои и Република Севрна Македонија, носејќи со себе помош во вид на донација за децата кои имаат отежнат пристап до учиштата и живеат во понеповолни услови.

Овогодинешната рута на ,,Еуроп – Раид“ е започната од Париз на 27 јули и ќе трае до 17 август, а учесниците од караванот треба да поминат вкупно 10.000 километри за 22 дена.

На мапата на оваа европска турнеја за културна солидарност се најде и Крива Паланка, која поради својата активна соработка во областа на Франкофонијата доби донација од 100 килограми училишен прибор, матријали, нагледни средства и спортска опрема.

Во знак на благодарност за донацијата и пријателството со францускиот народ,  учениците од ООУ ,,Јоаким Крчовски“ под менторство на професорката по француски јазик Елена Николовска,  приредија Франкофонски музички хепенинг во дворот на училиштето, на кој присувствуваше и францускиот амбасадор Кристијан Тимоние.

 

За огромниот број француски гости, учесници на караванот на Europ’Raid, Општина Крива Паланка организираше стационирање со ноќевање и интересна  културно-уметничка програма на градскиот стадион.