Универзитетот „Св. Климент Охридски“-УКЛО Битола, го објави дополнителниот Конкурс за упис на студенти за претстојната академска година.
Во вториот уписен рок слободни се 3.095 места на сите универзитетски единици на УКЛО.
„За сите незапишани кандидати УКЛО спроведува уште два уписни рока, со тоа што право за индекс покрај матуранти со државна и меѓународна матура, имаат и кандидатите со завршен испит и училишна матура. Подготовките навремено се извршени и вториот уписен рок ќе се реализира на 1. и 4. Септември, додека третиот уписен рок ќе се врши на 14 септември“, информираат од секторот за односи со јавност на УКЛО-Битола.
Според дополнителниот Конкурсот за запишување студенти во прва година на прв циклус студии на УКЛО, од 3.095 слободни места, 1.392 се за државна квота, 883 со кофинансирање и 820 за вонредни студии.
Реализацијата на конкурсот за запишување студенти во прва година на прв циклус студии во првиот уписен рок на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола беше спроведена успешно. На 11 високообразовни институции во првиот уписен рок конкурираа над 1.000 студенти, што е во рамки на проектираниот интерес и бројките се движат во слични рамки како и во претходните академски години, потрдуваат од УКЛО-Битола.