Во четврток (22 декември) со почеток во 19 часот во Чифте амам ќе се отвори „Ретроспективна изложба – 30 години творештво“ на ликовниот уметник и универзитетски професор Нехат Беќири.
Во Чифте амам ќе бидат изложени над стотина слики во техника акрил на платно од неговиот творечки опус, инсталации и графики. Кураторка на изложбата е Маја Крстевска, виш кустос во Националната галерија.
„Следејќи ја сопствената развојна ликовна насока, Нехат Беќири се вбројува во најактивните и најдоследните уметници кај нас. Основите на неговиот творечки развој од почетокот се согледуваат во определбата кон неограничените експресивни можности што ги нуди апстрактното сликарство, во кое доминираат бојата и потегот како базични и нераздвојни ентитети. И токму оваа генеричка синергија кај него секогаш резултира со различни и возбудливи дела, кои за првпат во интегрална форма од сите творечки фази, се претставуваат во Националната галерија. Нарацијата во делата на Беќири ја осознаваме преку три основни елементи: линијата, бојата и симболиката. Вечната игра на бојата и линијата како носачи на значења, во нагласено индивидуалното сликарство на Нехат Беќири резултира во креирање на цели знаковни, апстрактно асоцијативни системи, секогаш одново и одново подложни на нови или, пак, проширени слоеви на (ре)интерпретации како директен израз на емоција“, се вели во најавата за настанот.
Беќири е роден во Тетово, дипломирал сликарство на Ликовната академија во Приштина во класата на проф. Муслим Мулиќи, каде и магистрирал, во 2001 година. Работи како редовен професор по сликарство на Државниот универзитет во Тетово и предава на Интернационалниот универзитет во Нови Пазар. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Покрај дисциплината сликарство, работи и други медиуми, скулптура, инсталација. Неговите дела се наоѓаат во повеќе државни и приватни колекции во земјата и во странство. Беќири има реализирано над триесет самостојни изложби, бил учесник на бројни ликовни колонии, како и на голем број групни изложби.