Под мотото „Дионизија сега“, од 1-ви до 5-ти ноември на повеќе места низ Скопје, Академската сцена на ФДУ, Драмскиот театар, Албанскиот Театар, Младинскиот културен центар и Котур Кафе и Филм, ќе се одржи 32. Издание на студентските средби Скомрахи на Факултетот за драмски ументости (ФДУ).
Како што информираат организаторите, Скомрахи и годинава ќе ги обдеинат во Скопје студентите од повеќе европски драмски и филмски академии.
„Публиката ќе има единствена можност да види театарски претстави и филмови на студенти од Украина, Белгија, Швајцарија, Словенија, Романија, Бугарија, Чешка…, заедно со оние на домаќините – студентите на ФДУ“, додаваат оттаму.
Парлалено на програмата, на ФДУ ќе се одвива и работилница за развој на колективен перформанс кој ќе биде изведен на последниот ден од средбите, а во чие создавање, покрај студентите на ФДУ ќе учествуваат сите учесници на Скомрахи, студенти од Факултетот за ликовна уметност, Факултетот за музичка уметност и Одделот за дизајн и инжинеринг на облека на Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ- Скопје, студенти од одделите Циркус и изведувачки уметности и Театрска педагогија на Академијата за уметност Фонтис од Тилбург, Холандија, како и неколку уметници од локалната дрег сцена.
„Годинешните Скомрахи, целосно концепирани и програмирани од студентите на ФДУ, се инспирирани од колективното ослободување низ екстатичноста на Дионизиските церемонии. Иако припаѓаат на далечната историја Дионизиите се повеќе стануваат потребни како одговор на затвореноста, исклучивоста и насилството на денешниот свет. Наспроти нив студентите на Скомрахи повикуваат на здружување низ прегрнување на сите наши различности, посебности и противречности. И на колективно ослободување преку свечено заедништво“, велат организаторите.
Прграмата на 32. издание на Скомрахи 2024 вклучува и изложба за ре-употреба на театарски „отпад“, колективна перформативна прошетка низ Скопје со Лабораторијата за просторно изведувачки практики „Градот како сцена“, панел дискусија, разговори по претставите и музички настани.
Настаните на Скомрахи се отворени за публиката, со бесплатен влез, а целата програма е објавена на www.instagram.com/skomrahi и www.facebook.com/skomrahi.
Средбите годинава се поддржани од ФДУ/УКИМ, Министерството за култура на РСМ и Europe House.