Вкупно 3,2 милиони домаќинства во Велика Британија се стекнале со домашно милениче од почетокот на пандемијата, соопшти Здружението на производители на храна за миленичиња. Тоа значи дека земјата сега има 17 милиони домови со миленичиња, велат од Здружението, пренесува BBC.
Младите се главните двигатели на овој тренд, така што повеќе од половина од новите сопственици се на возраст од 16 до 34 години.
Многумина купиле домашни миленици како одговор на социјалната изолација, но постои загриженост за благосостојбата на животните, посочуваат од Здружението.
Супермаркетите во Велика Британија веќе забележале „невиден“ пораст на сопствеништвото на миленичиња и предупредија дека тоа предизвикува недостиг на некои прехранбени производи за кучиња и мачки.
„Забележуваме дека трговците на мало доживуваат невообичаена побарувачка на храна за домашни миленици за време на полициските часови“, вели Хелен Ворен-Пајпер, генерален директор на компанијата што ги произведува „Педигре“ и „Вискас“.
Повеќе од една третина од новите сопственици рекле дека се чувствуваат како да имаат бебе, додека околу петтина од семејствата со деца рекле дека тренирањето на нивното ново милениче е предизвик.
Како резултат, 5% од оние кои купиле милениче за време на пандемијата веќе се откажале од него. Позитивно, дури 74% рекле дека нивното домашно милениче им помогнало во подобрување на нивното ментално здравје.
Според Здружението, бумот во сопствеништвото на домашните миленици може да се претвори во „криза“ за овие животни откако нивните сопственици ќе се вратат на работа по карантините и веќе не би можеле да се радуваат толку на големото внимание што го добиваат од нив.
Кучињата и мачките остануваат главни фаворити за 17-те милиони домови низ Велика Британија, кои сега имаат домашно милениче. Сè на сè, 11% од домаќинствата примиле нови животни.