По вчерашните локални избори 34 македонски општини добија градоначалник во првиот круг. Прилеп, Струмица, Штип, Аеродром, Кавадарци, Гази Баба, Ѓорче Петров и Кисела Вода се дел од општините кои веќе во прв круг одлучија кој ќе раководи со локалната самоуправа во следните четири години.
Од градоначалниците избрани во првиот круг, најголем број се претставници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, вкупно 22, додека СДСМ и коалицијата ќе имаат градоначалник во 9 општини. Дополнително, во првиот круг победија и три градоначалници од ДУИ.
Од општините каде што целосно се пребројани гласачките места, ВМРО-ДПМНЕ доби градоначалници во првиот круг во: Аеродром, Босилово, Бутел, Велес, Виница, Гази Баба, Градско, Ѓорче Петров, Зрновци, Илинден, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци, Кисела Вода, Могила, Неготино, Новаци, Петровец, Прилеп, Свети Николе, Сопиште и Штип.
СДСМ доби градоначалници во: Берово, Богданци, Валандово, Делчево, Дојран, Крива Паланка, Кривогаштани, Крушево и Струмица.
ДУИ доби градоначалници во: Липково, Пласница и Сарај.
*Во првичната вест погрешно беше наведено дека во првиот круг е избран и градоначалник на Општина Центар Жупа. Таму ќе има прегласување поради тоа што не беше постигнат законскиот цензус од минимум една третина избирачи кои гласале на изборите во општината.
Д.Е.