333 кукли со детска големина се поставени пред Катедралата во германскиот град Келн во уметничка инсталација која претставува осуда на односот кон злоставувањето деца од страна на католичката црква.
Фигурите со прст покажуваат кон Катедралата и немаат лица туку се направени од повеќе бели и виолетови ленти. Белата боја означува невиност, додека виолетовата боја ја означува свештеничката облека.
Инсталацијата е насловена „Скршени души | Во морето на тишината“ и е дело на уметникот Денис Јозеф Месег, кој и самиот бил жртва на злоставување во детството.
„Илјадници верници излегуваат од црква со нивните деца фатени за рака кои влегуваат како радосни мали христијани, а се враќаат со скршени души. Засрамени, злоставени и понижени. Тие продолжуваат да го живеат својот живот со товар на нивниот грб од кој никогаш нема да се ослободат. Чувствувајќи се етикетирани и безгласни бидејќи никој не сака да ги сослуша. Ниту семејството, ниту црквата, каде бескрупулозните соучесници, до самиот врв, работат на заташкување, одбивање и заштита на вината на свештениците“, вели Месег за инсталацијата.
Во најавата за проектот стои дека целта на Месег е да им даде видливост на жртвите, но исто така и на сторителите, за тие да не можат да продолжат да живеат мирно знаејќи дека ништо нема да им се случи.
Уметничката инсталација ќе биде поставена до 6 август.