Група женски затворенички во затворот Евин во Техеран од вчера штрајкуваат со глад со што ја одбележуваат втората годишнина од националните протести предизвикани од смртта на 22-годишната Махша Амини која почина во затвор.
Инстаграм профилот кој се поврзува со затворената лауреатка на Нобелова награда за мир Наргес Монамади соопшти дека 34 затворенички започнале штрајк со глад на годишнината од движењето „Жени, Живот, Слобода“ (Woman, Life, Freedom).
Амини почина на 16 септември 2022 година, неколку дена откако беше приведена од иранската полиција за морал за наводно прекршување на законот кој им наложува на жените да носат хиџаб.
Нејзината смрт поттикна масовни протести во Иран со демонстранти кои ги окупираа улиците, универзитетите и школите и траеја со месеци. За време на владиното задушување на националните протести во 2022 година, стотици луѓе беа убиени, а илјадници беа повредени или приведени.
Мрежата за човекови права на Курдистан вчера објави дека претставници од Министерството за разузнавање го опколиле домот на родителите на Амини во Сакез, упатувајќи закани и забранувајќи му на семејството даја напушти куќата или да го посети гробот на нивната ќерка.
Според новинарските написи трговците и пазарџиите во западните и северозападните ирански градови, Санандај, Сакез, Дивандаре, Махабад и Букан организираат штрајк по повод двегодишниниата од смртта на Амини.
Мајката на Амини, Можган Ефтехари на Инстаграм напиша „Тие ќе бидат вечно обесчестени во историјата“. Осврнувајќи се на настаните пред две години, таа напиша дека ќерка ѝ „беше заробена од мрачни поединци кои не можеа да ја толерираат убавината на ќеркатана нивната нација“.
Семејството на Амини обвинуваше дека откако ја уапсиле, таа била претепана од полицијата. Полицијата ги отфрли наводите и изјави дека Амини починала откако била однесена во болница поради срцев удар.