3700 истретирани кучиња од кои 850 вдомени – ЈП „Лајка“ го прослави 4. роденден

Јавното претпријатие „Лајка“ вчера, 20 октомври, заедно со граѓаните, вдомувачите и сите негови поддржувачи го одбележа својот 4. роденден. Во овие години претпријатието по единствената докажана и хумана програма за намалување на бездомни кучиња по улиците заловило и истретирало 3700 кучиња од кои 850 се вдомиле.

„Сиве овие години ЈП ‘Лајка’ активно работи и на едукација и на промовирање и подигање на јавната свест за одговорно сопствеништво на домашни миленици. Сакаме да ја искористиме оваа прилика да се заблагодариме на сите кои дојдоа на нашата скромна прослава, а особено ни е драго што секоја година бројот на нашите поддржувачи се зголемува што укажува дека граѓаните ја препознаваат важноста на работата и активностите на претпријатието како посебен јавен интерес“, велат оттаму.

Од „Лајка“ се особено благодарни на хуманите граѓани кои ги отвориле своите домови за кучињата – миленици од претпријатието и одлучиле да вдомат бездомно наместо да купат куче.

„Со тоа не само што покажаа огромна хуманост и етика туку станаа и позитивен пример во решавање на овој општествен проблем“, додаваат тие.

Огромна благодарност упатуваат и до здруженијата за заштита на животни со чија помош значителен број на кучиња си го нашле домот надвор од границите на нашата држава.

„ЈП ‘Лајка’ ќе продолжи со уште поголем мотив да руши рекорди и се надеваме уште многу години ќе биде достоен сервис на граѓаните и пример за хумано и етичко третирање на бездомните кучиња кои не по своја вина се на улиците на Скопје“, истакнуваат.