Со претстава на театарот Ла Мама од Њујорк во Младинскиот Културен Центар ќе започне 39. Млад Отворен Театар. Од 19 до 26 септември, МОТ ќе се одржува на седум различни сцени низ Скопје – МКЦ, МОБ, Универзална Сала, Драмски театар, Театaр за деца и младинци, сцена Зебра и еден автобус на ЈСП.
„Уметничкиот совет на фестивалот ја селектираше богатата фестивалска програма која ги носи најзначајните домашни и регионални продукции, гостувања на театри од Мексико, Белгија, Америка, Италија…, а првпат домашната публика ќе има можност да погледне претстава од продукцијата Оф Бродвеј“, најави директорот на МКЦ , Златко Стевковски на денешната прес конференција.
За програмата на овогодинашниот МОТ обезбедени се 6 милиони денари. Од нив 4,5 милиони обезбеди Министерството за култура, а 1,5 милиони денари од Град Скопје. Билетите кои се во ограничен број ќе чинат по 150 денари, а ќе бидат пуштени во продажба од 12 септември.