Германските пионери на електронската музика, легендарните Kraftwerk ќе настапат во Скопје со 3Д шоу од нивната актуелна светска турнеја. Нивниот концерт во Скопје, во организација на ТАКСИРАТ и Пасворд продукција, ќе се одржи на 27-ми февруари 2018 година во Вип Арена „Борис Трајковски“.
Спојувајќи ги музиката и перформативната уметност, 3-Д концертите на Kraftwerk претставуваат вистински „Gesamtkunstwerk“ – тотално уметничко дело кое ја открива сложеноста на односот помеѓу човекот и машините.
Наскоро ќе бидат објавени повеќе информации за настанот, како и цените на билетите кои ќе бидат пуштени во продажба во среда, 11-ти октомври во 10:00 часот, преку продажната мрежа на МкТикетс.
Kraftwerk е една од највлијателните и најзначајните електронски групи во светот. Како предводник на експерименталната сцена, со својата визија за иднината Kraftwerk ја создаде музичката подлога за дигиталната ера на 21-виот век. Нивната музика изврши огромно влијание врз цел спектар на музички жанрови: од електро до хип-хоп, од техно до синтпоп и не постои речиси ниту еден германски бенд кој толку често се наведува како извор на инспирација и авторитет за илјадници музичари. Поради пресудното влијание и применливоста на електрониката во музиката тие важат за бендот без кој модерната музика денес не би звучела исто.
Мулти-медијалниот проект Kraftwerk е оформен во 1970 година кога Ralf Hütter и Florian Schneider го уредуваат нивното култно електронско студио „Kling Klang“ во Дизелдорф, Германија каде што се зачнати и продуцирани сите албуми на Kraftwerk . Нивната музика, многумина веднаш ја нарекоа авангардна, а тие уште со дебитантскиот албум „Kraftwerk I“ ја наговестија револуцијата во современата музика. По некое време групата почнува да функционира како квартет и до средината на ’70-тите години на минатиот век Kraftwerk достигна меѓународно признание за нивните револуционерни електронски звучни пејсажи и нивното музичко експериментирање со роботика и разни технички иновации. Меѓу останатите признанија за нивната работа, Ralf Hütter и неговиот поранешен партнер во 2014 година ја добија наградата Греми за животно дело.
За време на речиси 50 години постоење Kraftwerk објавуваат десет успешни студиски изданија, како и неколку компилациски и два live албум, од кои последниот „3-D The Catalogue“ го објавија во мај годинава.