„4.000 наставници, 4.000 чекори“ – протестна прошетка на професорите во Нови Сад

Во Нови Сад денеска се собраа професори, кои откако им оддадоа почит со 15 минутен молк на 15-те лица кои загинаа при падот на настрешницата на железничката станица во тој град, започнаа протестна прошетка наречена „4.000 наставници, 4.000 чекори“, во знак на поддршка за студентите, пренесува Н1.

Адвокатите, пак, молчеа пред Домот на синдикатите, каде по оддавањето почит беше најавена седница на Адвокатската комора на Србија, на која се донесе одлука за седумдневен целосен прекин на работата на адвокатите во Србија во знак на поддршка за студентите. Таму дојдоа и студенти со индекси во рацете да ги поддржат адвокатите.

Оливер Тошковиќ, професор на Филозофскиот факултет во Белград, вели дека дошол со колегите да покажат дека сите се заедно во ова. Според него, студентите моментално се едуцираат на најдобар можен начин.

Кога во јавен дискурс се спомнуваат два збора – генерален штрајк, тоа е знак дека нешто е гнило во таа земја, а тоа не е Данска, изјави денеска на протестот Драган Матиќ, професор од Академијата за уметности во Нови Сад.

Како што истакна, Србија е место каде живее раскарано семејство, каде што некои ги нарекуваат студентите усташи и странски платеници.

Новинарите на Н1 кои го следат собирот во Нови Сад велат дека не забележале полициски патроли да го обезбедуваат собирот.

Инаку, денеска во 11 часот и 52 минути во Белград и во другите градови во Србија се одржа 15-минутен молк во знак на оддавање почит на 15-те лица кои загинаа при падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад.

Помеѓу 53.000 и 55.000 луѓе вчеравечер протестираа пред Радио-телевизија Србија, според Архивот на јавни собири