Поранешните професори на Економскиот факултет при УКИМ, Бобек Шуклев и Славе Ристевски, добија затворски казни од 4 и пол и 4 години зошто барале пари и секс од студентки за оценки, додека демонстраторот Драган Денковски осуден со условна казна од 2 години затвор за посредување меѓу студентките и професорите, стои во пресудата која денеска беше изречена во Кривичниот суд во Скопје.
Поранешните професори се осудени за кривичното дело „примање поткуп“, додека Денковски е осуден за „давање поткуп“.
„На 2 јуни 2016 година, во бифето на Економскиот факултет во Скопје на студентот под псевдоним УЦПМ 01 му пришол професорот Бобек Шуклев и го прашал како планира да го положи испитот. Бидејќи сакал отворено да зборува, запрашал дали има над 18 години и дека тогаш можат да се спојат со секс, а за возврат ќе го положи предметот „Менаџмент на мал бизнис“. Закажувајќи да дојде на 3 јуни во 6 часот наутро, кога на факултетот нема никој, а доколку тоа не сака да го направи нема друг начин да положи. Притоа понудил дека може да се оди во хотел, но треба да остави лична карта бидејќи секаде го знаат, но останува стан или кола, а таа да размисли, и наредниот да му каже. Следниот ден понудил да ја носи за Грција, во Солун, а за возврат ќе помогне да положи шест испити – но за тоа не смее никој да знае, а ако не прифати ќе треба да плаќа пари“, стои во пресудата која ја читаше судијката Фанка Јанчулева Михаиловска.
„Во текот на 2015, обвинетиот Славе Ристевски, како професор, индиректно примил подарок од 1.000 евра за да изврши службено дејствие што не би смеел да го изврши. Односно, во индексите на два студенти во индексите им напишал оценка „шест“ како да го положиле предметот „Статистика за бизнис и економија“ иако на денот на полагањето тестовите ги предале празни“, рече судијката Јанчулева Михаиловска.
Ова е второ судење за предметот „Еразмус“, откако во јуни 2021 година, предметот падна во Апелацискиот суд. При првичната пресуда во 2020 година професорите Шуклев и Ристевски добија две и две ипол години затвор. А, Денковски исто така беше условно осуден.