Од околу 8 милијарди луѓе на Земјата, повеќе од 4,4 милијарди немаат пристап до безбедна вода за пиење, покажува новото истражување објавено во списанието „Сајанс“.
Како што информираат оттаму, добиените податоци од земјите со низок и среден раст преку компјутерска симулација се двојно поголеми од бројката пресметана од Светската здравствена организација.
Истражувањето го спроведоа научници, меѓу кои и Естер Гринвуд од Швајцарскиот федерален институт за вода и технологија.
„Бројот на луѓе чие основно човеково право на безбедна вода за пиење не е исполнето е многу голем“, изјави Естер Гринвуд.
Истражувањето покажало дека региони со најниска употреба на чиста вода се Африка, Јужна Азија и Источна Азија.
Светската здравствена организација (СЗО) и Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) во 2020 година проценија дека 2,2 милијарди луѓе немаат пристап до безбедна вода за пиење.