45 лица, државјани на Северна Македонија, загинаа откако се запалил патнички автобус со македонски регистарски таблички на бугарскиот автопат „Струма“, пренесе бугарската телевизија НОВА. Меѓу жртвите има и 12 малолетни лица, а 7 лица се преживеани. Трагичниот инцидент се случил синоќа, околу 2 часот по полноќ.
Автобусот, во кој 52 патници патувале од Истанбул кон Северна Македонија е целосно изгорен. Стручните екипи од Бугарија во моментов ги истражуваат причините за несреќата. И понатаму не е познато дали автобусот првично се судрил во заштитната автопатска ограда и се запалил, или пак огнот се јавил пред сообраќајната несреќа.
7-мината преживеани од несреќата се примени со изгореници на лицето и на горните респираторни патишта во Клиниката за изгореници, потврди директорката Маја Аргирова. Тие биле донесени во болницата три часа по несреќата. Според неа пациентите се во тешка психолошка траума, бидејќи загубиле деца и блиски во несреќата, додавајќи дека тие морале да скокаат од прозорците на автобусот за да се спасат.
Премиерот Зоран Заев на социјалните мрежи напиша дека се случи страшна трагедија, додавајќи дека заедно со членови на владата се во Софија за да ги посетат преживеаните лица кои се наоѓаат во болница.
„Со министерот за здравство Филипче и со министерот за надворешни работи Османи сме во Софија, за да ги посетиме повредените, да дознаеме повеќе за несреќата и причините за истата. Упатувам мое искрено сочувство до семејствата на починатите и им посакувам брзо закрепнување на повредените. Штом добиеме повеќе информации и штом осигураме како можеме да бидеме од помош на преживеаните, ќе следат соодветни институционални активности и дополнителни информации за јавноста“, напиша Заев.
Претседателот Стево Пендаровски вели дека очекува темелна истрага од надлежните.
„Очекувам надлежните да спроведат целосна истрага, да се утврдат причините и одговорноста за трагедијата, која не се памети во нашата понова историја. Во деновите на жалост што следуваат, посакувам мирен покој на душите на починатите и побрзо закрепнување на повредените“, стои во неговата објава на социјалните мрежи.
Според бугарската новинска агенција БГНЕС, автобусот со кој патувале македонските државјани бил регистриран на фирма со седиште во селото Рашче, Општина Сарај. Истрагата која е во тек треба да утврди дали причина за несреќата е грешка на возачот или пак се работи за техничка неисправност на автобусот.