„Младите можат“ и „Нула отпад ДОО Скопјe“ го одбележуваат Денот на батеријата со дружење и кафе во замена за пет празни батерии.
Настанот ќе се одржува во понеделник (19 февруари) од 17 часот во „Јавна соба“, каде е предвидена неформална дружба по работа/училиште со цел да се слушнат искуствата на волонтерите од „Еко патролата“ на „Младите можат“. Исто така, да се продискутира за можности и идеи за зголемување на свеста за селектирање на батериите кај младите со Марјанчо Дамески, директор на „Нула отпад“ и Ана Мазнева Каранфиловска од Министерство за животна средина и просторно планирање.
„Да се напиеме кафе со секои донесени 5 празни батерии. Заедно да ги ‘наполниме батериите’ за новата работна недела“, стои во најавата за настанот.
Инаку, еко патролата „Младите можат да селектираат батерии“ беше формирана од 11 волонтери на „Младите можат“. Таа имаше за цел да ги посети и провери кантите за отпадни батерии на локации во Скопје во периодот од 9-14 февруари и беше координирана од „Младите можат“ и „Нула отпад“.