[Видео] Селмани: Слободата на изразување е полоша од оценката на ЕУ

Извештајот на Европската комисија во делот за слободата на изразување е покритичен од минатата година, но состојбата е уште полоша од тоа, вели претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Насер Селмани, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

селмани

„Да, ако се прави споредба со извештајот од минатата година овој извештај е покритичен, меѓутоа јас мислам дека Европската комисија продолжува да биде наклонета кон Македонија, затоа што кога би се однесувала како што се однесува Владата на Република Македонија кон извештаите на Европската комисија, без трошка сомнеж Европската комисија можеше слободно оваа година да ја одземе препораката на Македонија, затоа што навистина има регрес во суштински сфери. Оваа желба на Европската комисија да помогне се гледа и во контрадикторноста на оценките. На пример на почетокот на извештајот вели дека земјата ги исполнува копенхагенските критериуми, како постоење на стабилни институции, почитување човекови права, малцински права, односи со соседите, меѓутоа кога во извештајот ќе ги погледнете оценките коишто се однесуваат на овие области, тогаш ќе видите дека навистина има многу негативни оценки, така што на еден начин едната оценка ја побива другата“, вели Селмани.

Според Селмани има работи во извештајот кои не се сосема објективно претставени како забелешката за Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Тој вели дека не може да има демократија во една држава, каде што медиумите ги контролира владата и каде што владата поттикнува корупција во медиумите. Во видео интервјуто на Радио Слободна Европа, претседателот на ЗНМ зборува и за пресудата против Фокус,  како и за случајот Кежровски.