Културно информативен центар (КИЦ) – Скопје е една од најстарите културни установи во главниот град. Со долгогодишна традиција во културниот живот на скопјани, на 15 декември одбележува 55 години од своето постоење.
На големата јубилејна изложба „55 години КИЦ“ ќе бидат изложени плакати од богатата историја на настани одржани во КИЦ печатени во графичкото студио и слики од богатата колекција, а ќе ги опфати двете галерии Империјал 1 и 2.
ЈУ Културно информативен центар – Скопје, е основана 1967 год. Од самото основање, со секојдневните активности, успева да стане значаен дел од културниот живот на Скопје. Со атрактивната локација во централното подрачје на градот, во едно репрезентативно здание, се работи за респектабилен културен центар, јадро на културниот живот во Скопје.
„Во децениското постоење, ЈУ Културно информативен центар – Скопје, во рамките на своите два изложбени салони и театарско-концертната сала Салон 19:19, има организирано преку 6.000 ликовни изложби, концерти, театарски претстави, литературни вечери, перформанси и останатите културни настани од познати реномирани уметници од Македонија, Европа и светот, како и на млади автори со голем потенцијал, на кои име е потребна афирмација“, соопштуваат од Центарот.
Од таму потенцираат дека со самото формирање на ЈУ Културно информативниот центар – Скопје, беше формиран Информативниот сектор, кој до неговото згаснување, реализира над 550 јавни трибини од најразлични општествени сфери и области, рекламирање и информирање на љубителите на културата за културните збиднувања во Скопје како и во сродните институции, едноставно беше информатор и на сите случувања во Република Македонија.
„Годинава, токму јубилејот 55 години постоење носи промена и во раководството на установата, а со тоа и во културните политики на Центарот. Со ова центарот започна нова ера во работењето на Културно информативен центар – Скопје, со нова енергија, ентузијазам и свежи идеи, но и со јасна визија. Отвореноста кон уметниците е приоритет во функционирањето. Културно информативниот центар – Скопје ги отвори вратите за млади уметници, писатели, музичари, артисти, чии идеи ќе најдат простор за реализација во Центарот. Веќе е подготвена префинета ликовна, литературна, музичка, филмска, мултимедијална прграма. Уште со првиот проект беше вратен и информативниот аспект на установата, преку градскиот културен информатор“, соопштува Центарот.
Оваа година, велат од таму, Центарот беше насочен и кон реализација на два обемни мултимедијални фестивали, но и на меѓународни соработки и вмрежување со интернационални културни центри.
Се оствари отворена комуникација со независната културна сцена, но и со културните институции, со визија за градење на отворена и ризоматска мрежа, која ќе ја поттикне и раздвижи индолентната културна понуда. Оваа Установа преку својата институционална поддршка ќе се обиде на едно место да ги фокусира младите креативци, врз чија основа би се поставиле никулците за нивна понатамошна соработка на ниво на здрава уметничка заедница, која меѓусебно ќе комуницира и соработува во годините кои доаѓаат“, се вели во соопштението на КИЦ.