Околу 60 луѓе се убиени откако руските сили бомбардирале училиште во источна Украина, потврди претседателот Володимир Зеленски.
Нападот во селото Билохоривка се случил во саботата доцна вечерта, а гувернерот на регионот Луганск, Серги Гајдај, рекол дека околу 90 луѓе се наоѓале во училиштето, кое служело како засолниште, кога се случил нападот кој довел до пожар.
„Огнот беше изгасен по скоро четири часа, тогаш се расчистија и рушевините. За жал најдени беа тела на две лица. Од местото беа евакуирани триесет луѓе, од кои седум се повредени. Шеесет луѓе најверојатно се загинати под рушевините на зградата“, вели Гајдај.
Тој информираше и дека во руското гранатирање загинале и две деца, на возраст од 11 и 14 години во соседниот град Привилиа.
Гајдај преку социјалната мрежа Телеграм упати критики за нападите на цивили.
„Руските убијци се „борат“ со невооружени цивили. Тие фрлија бомба врз училиште каде скоро цело село се криеше. Сите што немале време да се евакуираат“, напишал тој.
Луганск е локација каде се водат најжестоките борби меѓу руската и украинската армија последниве недели. Најголем дел од овој регион е контролиран од про-руските сепаратисти претходниве осум години.
Украина и Западот ги обвинуваат руските сили за таргетирање цивилно население и за извршување на воени злосторства. Властите во Москва ги отфрлаат ваквите наводи.