Едно од четири деца во светот ќе почине, ќе има застој во растот или ќе страда од неисхранетост поради недостиг на вода до 2040 година, предупреди УНИЦЕФ во својот нов извештај.
Објавен по повод Светскиот ден на водата, извештајот отслика црна иднина во следните децении кога комбинацијата од растот на светската популација, зголемената побарувачка на вода, растот на нивоата на морињата и сушите, ќе создадат криза со епски размери.
Речиси 36 држави во светот се соочуваат со „екстремно високи нивоа на загадена вода“, забележува извештајот.
Секој ден повеќе од 800 деца под пет години умираат од дијареа, како последица на загадена вода и лоши хигиенски услови.
Поради ваквите услови, 156 милиони деца под петгодишна возраст имаат застој во растот, кој пак, предизвикува трајни физичко и ментално оштетување.
Извршниот директор на УНИЦЕФ, професорот, Ентони Лејк, изјави: „Водата е елементарна. Без неа, ништо не може да расте, а без чиста вода, децата може да не преживеат“.
„Децата без пристап до чиста вода е поверојатно да починат во детството, а низ развојот, од болести предизвикани од бактерии во водата, на кои нивните мали тела се ранливи“, додава тој.
Делови од Африка и Средниот Исток се соочуваат со суши.
„Ние денес ги гледаме ужасните ефекти од недостатокот на вода низ целиот свет, а тоа се потрагично се забележува во Нигерија, Сомалија, Јужен Судан и Јемен, каде сушата и конфликтот создаваат смртоносни ефекти“, рече Лејк.
Приближно 1,4 милиони деца се соочуваат со огромен ризик на смрт од тешка акутна неисхранетост бидејќи гладот расте во овие области.
„Само во Етиопија, ние предвидуваме дека повеќе од девет милиони луѓе ќе немаат чиста вода во 2017 година“, подвлече Лејк.
Растечката популација и порастот на побарувачката значи дека количината на вода достапна за секоја личност на планетата ќе се намали за 50 отсто до 2050 година, предупреди извештајот.
Во него како препорака стои дека на државите треба да им биде приоритет да обезбедат чиста вода за најранливите деца.