Нови 67 потврдени случаи и еден починат од Ковид-19 се регистрирани во изминатото деноноќие, а се чекаат резултати од уште една приватна лабораторија, соопшти министерот за здравство Венко Филипче. Позитивните случаи произлегуваат од 868 направени теста, а регистрирани се и 25 оздравени пациенти. Министерот најави дека во следните неколку часа ќе биде објавена подетална статистика по градови.
Како што беше најавено вчера, во Штип ќе се тестираат отприлика 600 вработени во конфекциите, а министерот посочи дека се дадени и 55 решенија за самоизолација. Таму, досега се направени 100 тестирања.
„Во Тетово се издадени осум решенија за позитивно дијагностицирани пациенти, 54 за нивни контакти, и имаме информации за еден нов кластер. Еден позитивен со решение за самоизолација и се прават анкети на 40 вработени, тоа е во еден субјект во Тетово. Досега се направени вкупно 70 тестирања таму, планирани се 150 од она што го најавив во текот на вчерашната прес-конференција“, посочи Филипче.
Во однос на скринингот, тој посочи дека во приватен дом за стари лица кој има објекти во Ченто и Кадино, во едниот дом на вирусот се позитивни две штитенички, а во другиот дом тројца вработени.
„Во однос на останатиот скрининг, продолжува во градинките. Има информација за позитивен полицаец од пограничната полиција од странство, кој после враќањето во Унгарија бил тестиран и позитивен. Согласно тоа, вчера се направени анкети и на 30-тина странски полицајци кои се на јужната граница, и 30-тина наши полицајци кои биле во контакт со полицаецот кој заминал, ќе бидат тестирани денеска, завршени се анкетите и се дадени решенија за изолација“, изјави Филипче.
За рестриктивните мерки се уште нема одлука, но, министерот посочи дека се следат бројките и ситуацијата, и најави дека, евентуално во наредните денови ќе бидат донесени соодветни одлуки.
Филипче упати и апел до граѓаните и потенцираше дека игнорирањето на вирусот и негирањето дека тој постои нема да помогне во надминувањето на состојбата.
„Секаде во светот станува збор за имплементирање на истите мерки за заштита на населението и намалување и елиминрање на ризикот од ширење на заразата. Маската, дистанцата, редовното миење, хигиена, дезинфекција на рацете е единствениот механизам кој што може да не заштити и како поединци и како општество. Граѓаните кои се одговорни и кои доследно се придржуваат до овие мерки треба да бидат пример за сите останати, поради тоа што рестрикциите и повторното затварање се непожелни и ние може да ги избегнеме, само доколку се однесуваме дисциплинирано и ги прифатиме овие нови правила, кои што впрочем не се само во нашата земја, туку и во сите други земји во регионот, во Европа, практично во целиот свет“, рече Филипче.
Мартин Колоски