Независната продукција „ТЕАТАР 007“, во соработка со Универзална сала – Скопје, Ви го најавуваат шестото по ред издание на Интернационалниот театарски фествиал „ЛИЦА БЕЗ МАСКИ“, кој ќе се одржи од 12 до 16 април во Универзална сала – Скопје, под мотото „ОСЛОБОДИ СЕ!“.
Годинешната програма е посветена на независната професионална сцена од светот. Како и минатата, така и оваа година интересот за учество на овој фестивал беше огромен. По пристигнатите 70-ина апликации, селекторот на фестивалската програма м-р Игор Ивковиќ, се одлучи за исклучително авангардните и жестоки театарски претстави меѓу кои: „Деволуција“, во режија на Петар Пашов, а во изведба на независниот театар „Атеље 313“ од Софија, Бугарија. За прв пат во Македонија, ќе гостува и Академијата за театар од Рим, Италија, „СОФИЈА АМЕНДОЛЕА“, кои доаѓаат со нивниот најнов проект „Убиј ги децата“, во режија на Фабио Омодеи. Тука се и претставите на романскиот независен театар, „Создава. Глуми. Ужива“, кои во Скопје, ќе гостуваат со дуо драмата „Ова е твоето тело. Повели во моите мисли“, во режија на Александра Фелсеги. Покрај нив се уште и претставите „Рувензори“, од академскиот театар „Бранко Крсмановиќ“ од Белград, Србија, и полската претстава „Каменот на трпеливоста“, во изведба на Театар Западнија.
Свеченото отворање на 12 април, ќе биде со хит претставата „ФИЛМ“ – авторски проект на Саша Ефтимова, а во изведба на балетските танчери при Макеоднската опера и балет.
Фестивалот и оваа година се резлизира со помош на Град Скопје и Министерството за култура на Р. Македонија.