Во Даут Пашин амамот, на 9 септември, четврток, ќе се отвори изложбата „70 години од првата Национална поставка” (1951-2021)“, која се организира по повод 70 години од отворањето на првата поставка во Националната галерија.
На изложбата ќе бидат застапени повеќе од 100 автори со околу 150 ликовни дела – слики, акварели, цртежи, графики и скулптури, подарени и откупени во периодот од 1948 до 1951 година.
„Изложбата претставува уште едно потсетување на успешните работни почетоци на галеријата и на огромниот вложен напор на тимот кој тогаш ја водел Уметничката галерија (Борко Лазески и Никола Мартиноски), Комисијата за откуп на ликовни дела чии членови биле нашите извонредни познавачи на уметноста и ликовни авторитети – Димче Коцо, Лазар Личеноски и Димо Тодороски и на државните институции кои несебично и со голема одговорност дале поддршка и придонеле тогашната Уметничка галерија да прерасне во храм на уметноста и двигател на културниот живот во Македонија“, велат од Националната Галерија.
Оттаму велат дека во овојпериод се направени трите најзначајни чекори во постоењето на оваа институција – „Даут – пашиниот амам“ е адаптиран во галериски простор, формирана е богата галериска збирка и отворена е првата поставка од ваков вид во Македонија.
На свеченото отворање на Галеријата, на 2 август 1951 година, биле изложени дела од современата македонска уметност, дела од современата југословенска уметност, икони од 14 до 20 век, копии од фрески и макети од македонските средновековни цркви.
„Погледот кон периодот на почетоците од формирањето на првата Поставка во тогашната „Картина” или “Уметничка”, а денес Национална галерија на Македонија, навидум временски краток, но долг и богат професионално претставува потсетување за вложениот напор, но и на резултатите кои се за почит и никогаш не треба да бидат заборавени“, велат од Националната Галерија.
Кураторки на изложбата се Славица Алексоска, Маја Чанкуловска Михајловска и Маја Неделкоска Брзанова.