61 отсто од испитаниците дале позитивен одговор на прашањето дали известувањето во кризни состојби влијае врз менталното здравје, додека 39 отсто одговориле дека тоа не влијае врз нив, а 10 отсто од вработените во медиумите добиле помала плата меѓу 5 и 30 проценти од почетокот на пандемијата.
60 отсто се изјасниле дека би ја напуштиле професијата доколку имаат можност да влезат во други професионални води, а околу 36 отсто од новинарите во анкетата на ССНМ одговориле дека познаваат колеги од нивната или од друга медиумска куќа кои во време на пандемија го изгубиле своето работно место.
Дополнително, мал е бројот на газди кои платиле тестирање за ковид-19 за вработените медиумски работници – на помалку од една четвртина од анкетираните им било платено корона тестирање.
Ова се само дел од резултатите на прашалникот кој го спроведе Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).
Воени конфликти, поплави, пожари, протести, а изминатата година и во време на пандемија – во сите овие кризни состојби новинарите, фоторепортерите, како и снимателите се на првата линија на фронтот за да ја информираат јавноста.
Анкетата исто така покажува дека новинарите и останатите медиумски работници најмногу работеле во пандемија, дури 90 отсто, а најмалку, односно 16 отсто известувале од воен конфликт.
Известувањето за време на криза има влијание врз менталното здравје на медиумските работници.
„Дури 61 отсто од испитаниците дале позитивен одговор на прашањето дали известувањето во кризини состојби влијае врз менталното здравје, додека 39 отсто одговодиле дека тоа не влијае врз нив. Медиумските работници по известувањето за време на кризна состојба појаснуваат дека се соочуваат со несигурност, страв, анксиозност, осаменост, несоница, замор, страв од напад или болести“, велат од Синдикатот.
Како ваков пример, кој уште е „свеж“ кај медиумските работници, се издвојуваат низата протести во пролетта 2017 година на иницијативата „За заедничка Македонија“ на кои беа заплашувани и напаѓани медиумски работници, вклучително и на 27 април истата година кога толпата упадна во Собранието, а животот на новинарите, фоторепортерите и на снимателите беше доведен во прашање.
„Ова е работа која не се остава во канцеларија, туку се носи со себе“. Вака седмата сила ја опишува новинарската должност. Дома, покрај информации, изминатата година дел медиумските работници, за жал, го донесоа и еден од најголемите непријатели на луѓето, заразата од ковид-19.
„Стресот се зголеми, од една страна поради тоа што на дневно ниво известувам за новозаразени, починати, од друга страна ризикот од одење на терен, меѓу луѓе, да не се заразам јас, па да ја пренесам заразата… Во секој случај мислам дека никој не може да остане рамнодушен на тоа што го гледаме секојдневно. Со стресот, дојде и нервозата, чувството на страв, па дури и паника“, истакнал еден од анкетираните новинари.
А, самата ситуација и будното око на јавноста, ги остави новинарите и медиумските работници без слободно попладне. Доцните прес-конференции на кои лани се соопштуваа информации за актуелната ковид состојба, дополнително ја зголемиле задачата и улогата на медиумските професионалци.
„Со пандемијата и работењето од дома, се чувствував дека 16 часа бев онлајн, немаше одредено работно време, вестите нон-стоп стигнуваа. Домашните не го сфаќаа тоа, а јас сè повеќе и повеќе се трошев. Сега сум „прегорен“, а понекогаш се прашувам и дали новите вести вредат кога се чувствувам така“.
Снимателите, алармираат дека институциите не им овозможуваат услови за работа во време на пандемија. Најчесто се соочуваат со немањето доволно растојание за заштита од вирусот, а ваквите пропусти ги прават одредени институции.
„Страв да не се заразам бидејќи нема никогаш реално решение за нас снимателите. Премногу тесни простории и слично“, вели снимател во анкетата на ССНМ.
„Пандемијата ме изолираше целосно од теренот, а тоа е најлошото што може да му се случи на репортер. Дополнително, со воспоставување на пракса за работа од дома и следење на пресови и друго онлајн, го измести целосно работното време, особено кога на сила беа карантините, практично бевме по цел ден на работа, оти нели „секако нема што да правиш дома во карантин“.
И во вакви услови на известување, најголем дел од медиумските работници сметаат дека нивниот работодавец не им обезбедил услови за да се чувствуваат безбедно при кризно известување. Овој став го застапуваат 57 отсто медиумски работници, додека спротивното го сметаат 43 отсто од анкетираните.
На прашањето на ССНМ дали постои официјален протокол во редакциите за начинот на известување при кризи, 81 отсто од медиумските работници дале одговор дека такво нешто немаат, додека 19 отсто одговориле позитивно.
Само во една редакција постои протокол што го изработиле со помош на меѓународна организација. Во вакви ситуации во редакциите се користат и протоколите на ЗНМ и СЕММ за заштита од пандемијата, протоколи за заштита при пожар, додека за протести се насочуваат на насоки од МВР.
Најголем дел од медиумските работници информациите во време на криза ги добиваат од официјални канали, вака одговориле 85 отсто од испитаниците во анкетата.
Како втор избор се изјавите за медиумите, па следат јавните податоци, сведоци, лични извори, документи… Од социјалните мрежи, најголем избор на новинарите е „Фејсбук“, кои како извор го користат дури 54 отсто, а најмалку се користи социјалната мрежа „Инстаграм“, само 9 отсто.
Медиумските работници своите извори најмногу ги обезбедуваат преку повик на телефон, а најмалку преку мрежата „Slack“. Како комбинации се користат мрежите „Viber“ и „WhatsApp“, како и електронска пошта.
Според најголем дел од медиумските работници известувањето од пандемија најтешко влијае и тоа од неколку аспекти.
Психолошки и емотивен импакт на кризата, грижата од губење работа односно финасиски проблеми, имаат интензивна и исцрпувачка работа, социјална изолација, ризик од изложеност на вирусот.
Во анкетата, медиумските работници оценуваат дека е тежок и процесот при покривање на прес-конференции, како и интервјуа кои најчесто се реализираат преку видео-врска, наместо со физичко присуство.
Најголем дел од анкетираните медиумски работници во време на пандемија имале комбинирана работа, од дома и од канцеларија – 44 проценти, додека 41 процент работеле само од канцеларија. Преостанатите, пак, своите работни обврски ги извршувале од дома.
Во услови на пандемија, газдите, како и менаџерите на медиумите на овие работници најмалку им понудиле психолошка поддршка. Само 9 отсто од анкетираните медиумски работници одговориле дека добиле ваква поддршка.
Мал е бројот и на газди кои го платиле тестирањето за ковид-19 за вработените медиумски работници – на помалку од една четвртина од анкетираните им било платено корона тестирање. Пола медиумски куќи не ги исплатиле вработените во периодот кога биле во изолација.
Од почетокот на пандемијата досега, мал дел од медиумските работници добиле и пониски месечни примања. Тоа е случај со 10 отсто вработени во медиумите кои добиле помала плата. Таа била намалена меѓу 5 и 30 проценти во време на пандемија. Најголем дел од медиумските работници одговориле дека платата им била скратена за 30 проценти, а на некои била помала за 5, 15, односно 20 проценти. Само еден испитаник, одговорил дека платата прво му била намалена, па зголемена.
Ваквата ситуација со медиумите во Македонија, 73 отсто од медиумските работници сметаат дека нема да се промени. Преостанатите 27 отсто, пак, очекуваат промени, а дел од нив дури и кон полошо.
Стандардот, веќе е паднат, оценува новинарка во анкетата.
„На полошо, со драматично забрзан пад на стандардите. Ако треба да изнесам заклучок, тогаш би рекла дека пандемијата фрли рефлекторско светло врз проблемите со етичките и професионални стандарди на штета на граѓаните. Практично, пандемијата го легитимираше дното и непочитувањето на стандардите го направи пракса“, истакнала таа.
Анкетата е спроведена електронски и во биле вклучени 149 медиумски работници.
Во анкетата најмногу се застапени новинарите (59,06 отсто), потоа уредниците (14,76 отсто), снимателите (9,40 отсто), фоторепортерите (4,03 отсто), вработените во ТВ режија (6,71 отсто), како и монтажерите (6,04 отсто).