На Вибер си додаден/а во нова група каде што се голем дел од твоите другари/ки но и многу други непознати броеви. Во групата покрај мемиња и видеа, се споделуваат и лични слики и навредливи коментари. Некои од твоите другари/ки излегуваат од групата. Што ќе направиш ти? Се логираш на веб-страница за наградна игра, а формуларот бара лични податоци. Што ќе направиш ти? Доби порака од другар кој ти бара телефонски број од ваша заедничка другарка. Што ќе направиш ти?
Ова се прашањата од онлајн анкетата на Фондацијата Метаморфозис насочена кон младите кои имаа цел да ја прикажат моменталната свест кај нив за безбедното користење на интернет, а се инспирирани од актуелни случувања во изминатиот период.
Резултатите покажуваат дека кај испитаниците постои критичка свест за тоа како треба правилно да се реагира во ситуации кои преставуваат ризик за корисникот на интернет. Сепак, од Метаморфозис сметаат дека иако овие резултати се охрабрувачки, треба постојано да се работи на одржување и подигнување на свеста кај младите за безбедно користење на интернет и новите технологии.
Онлајн анкетата е направена по повод Денот за побезбеден интернет – меѓународен настан кој се одбележува секоја година во февруари со цел промовирање на побезбедно и поодговорно користење на онлајн технологиите и мобилните телефони од страна децата и младите.
Оваа година, 150 земји го одбележуваат овој ден по мотото „Заедно за побезбеден интернет“.
* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.