За ангажирање на механизација, работници, сол и чакал за чистење и за прскање на улиците во зимски услови, оваа сезона ќе се потрошат преку 538 милиони денари, односно 8,7 милиони евра, покажува истражувањето за трошоците за зимско одржување на патиштата за сезоната 2020/21 кои ги објави Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).
Тендери за оваа намена имале 41 општина и Градот Скопје, 6 локални јавни претпријатија и државното Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта – Македонијапат. Само ова претпријатие има склучено договори за јавни набавки за зимско одржување оваа сезона во вредност од 5,7 милиони евра што е две третини од сите пари што ќе се потрошат за оваа намена.
Градот Скопје сам зимскава сезона планира да потроши 700 илјади евра за чистење на снегот и прскање на улиците, додека заедно со уште осум други скопски градски општини ќе бидат потрошени околу 1,4 милиони евра за зимско одржување на улиците. Од другите општини од земјава, најголема вредност за ова ќе потрошат Битола, Прилеп и Куманово.
Најголем поединечен тендер има склучено Македонијапат со Димакс рудници Сопотница, од речиси седум милиони евра за двогодишно снабдување со сол за патиштата. Набавени се 59.555 тони индустриска сол, по цена од 116 евра по тон, за двегодишно прскање на патиштата.
Покрај оваа фирма, која вкупно има 4 тендери во вредност од 7,5 милиони евра, меѓу фирмите со највредни договори се и Ган-Логистик од Тетово со 1,2 милиони евра и скопски Аполо Инженеринг со 1 милион евра.
Од ЦГК посочуваат дека конкуренцијата на овие тендери била многу ниска, односно просечно имало само по 1,5 понуди на тендер или на две третини од тендерите (64 %) имало само по една понуда.
„Вкупната сума на трошоци за зимско одржување сигурно ќе биде и поголема ако се има предвид дека за шест тендери сѐ уште не се објавени склучените договори и нивните износи“, велат од Центарот.
Сите договори за зимско одржување на патиштата и улиците се дадени во база на податоци во отворен формат, за натамошно користење. Основа за пресметка на трошоците на институциите за зимско одржување на патиштата и улиците се податоците добиени од Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН). Во истражувањето се опфатени тендерите на сите институции на централно и локално ниво спроведени во текот на 2020 година за зимско одржување на улици и патишта, како и тендерите спроведени во 2019 година но со рок на важност на договорите од две години со кои всушност се покриваат трошоците за зимско одржување за 2019 и 2020 година.