Осмото издание на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ ќе се одржи од 14-ти до 17-ти септември во Куршумли ан, Europe House и во Кинотеката на Северна Македонија.
Наградата „Прозарт”, што Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ ја доделува на истакнат автор за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, оваа 2020 година ја додели на албанскиот писател Исмаил Кадаре за неговиот импозантен повеќедецениски романсиерски и есеистички опус кој константно предизвикува највисоки одгласи кај европската и светската критика.
Од Фестивалот најавуваат дека во рамките на програмат „Скопје fellowship“ годинава гости ќе бидат: Назли Бериван Ак од Турција, Јасмина Радојичиќ од Србија, Доротеа Монова и Милен Милев од Бугарија. На вториот фестивалски ден, тие ќе учествуваат на тркалезна маса „Литература и криза: почетна точка за нови противотрови“ што ќе се реализира во „Europe House“.
Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ е во организација на издавачката куќа „Прозарт медиа“ од Скопје.
Овогодишното издание на фестивалот, поради пандемијата со коронавирусот, наместо во мај беше преместено за септември.