Сојузот на здруженија на дијабетичари на Северна Македонија поднесе Претставка и Барање за итно постапување до Народниот правобранител. Сојузот кој ги обединува лицата со дијагноза Дијабетес тип1 и тип2 со барањето апелира дека сѐ уште ги нема ветените глукомери и ленти за контролирање на гликемиските вредности во крвта како и системи за континуирано мерење на гликемија за деца и млади до 18 години.
Обврската за редовна набавка на глукомерите и лентите, велат од Сојузот, е исклучиво на Министерството за здравство со средства од Буџетот на РСМ, преку тендерски постапки за набавка во две годишни програми.
„Во однос на состојбата во која се наоѓаат граѓаните – пациенти со дијагноза дијабетес во РСМ во бројка од 116.000 од кои 4.000 пациенти тип1 (600 деца до 18 години) и 40.000 пациенти тип2 сите 44.000 инсулинизависни останатите на таблетарна терапија, Сојузот во името на сите се обраќа до Вас и бара заштита во постапките за остварување на правата на пациентите“, се вели во Барањето до Народниот правобранител.
Од Сојузот посочуваат дека претходната тендерска набавка била со важност до 31 декември 2022 година, следната требало да биде распишана два месеци однапред, но до тоа не дошло, додека за причините, како што велат не се запознаени.
„Периодот во кој пациентите се оставени без неопходните за нормален живот глукомери и ленти е долг веќе 9 месеци“, велат оттаму.
Сојузот апелира да се исполни ветувањето што е од голема важност за лицата со Дијабетес, особено децата и младите до 18 години заболени со Дијабетес тип1.
Оттаму информираат дека на 29 август годинава поднеле претставка и до Министерството за здравство, а во фотокопија претставата била доставена и до Претседателот на Република Северна Македонија и Претседателот на Владата. Министерството за здравство, како што велат, не одговорило во предвидениот законски рок од 15 дена.