[Интервју] Филозофски филмски фестивал станува уникатен дел од културното живеење на градот

Утре се отвора шестото издание на Филозофскиот филмски фестивал , кој ќе се одржува до 9 април во Кинотеката на Македонија. Стефан Палитов, дел од организацискиот одбр на фестивалот за Радио МОФ објаснува што ќе понудат оваа година, кои беа предизвиците и како овој фестувал станува уникатен дел од културното живеење на градот.

Што ќе понуди фестивалот оваа година и кои беа најголемите предизвици при неговото организирање оваа година?

На најновото издание на Филозофскиот филмски фестивал продолжуваме со докажаниот концепт кој опфаќа проекција на филм, филозофски осврт на тема која е на некој начин поврзана со филмот и отворени дискусии со публиката. Овој модел наиде на позитивен одзив кај публиката во Скопје и со тоа ни се потврди дека комбинацијата на добри филмови со предавања од професори и дипломци од институтот за Филозофија е нешто што треба да продолжи. Полу-формалната и интимна атмосфера исто така се покажа како важен елемент кој го задржуваме. Деталите околу филмовите и предавањата можат да се најдат на веб и фејсбук страната на Филозофскиот филмски фестивал .

Оваа година организацијата се соочи со нови предизвици, бидејќи врз одличната основа и соработки кои се случија изминативе години активно се надоградуваат нови соработки и нови активности. Сите оние нови задачи кои природно доаѓаат со растењето на секој филмски фестивал ни се случуваат и нас. Не се жалиме, бидејќи тоа значи дека од година во година стануваме поголеми и подобри. Оваа година добивме поддршка и од Град Скопје, што само ни дава до знаење дека полека стануваме еден уникатен дел од културното живеење на градот.

Како се правеше изборот на филмови и по кој критериум се водевте?

Исто како и во претходните години, со решението за овој формат на говорници, филмската програма ја договараме во соработка со сите кои ќе имаат свое предавање на фестивалот. Од самиот почеток идејата ни беше оние кои се занимаваат со филозофија, а воедно имаат и некаква допирна точка со филмот како медиум, да одберат тема која е блиска до нивниот интерес и експертиза. Затоа и филмовите се бирани според тој критериум – освен да бидат интересни, да носат и потенцијал за филозофска дисекција.

Освен во Скопје, годинава Филозофскиот Филмски Фестивал ќе се одржува во неколку македонски градови. Колку се отворени останатите градови за вакви настани и дали нудат соодветни услови и простор?

Лани имавме едно гостување во Прилеп кое покажа дека такви соработки функционираат. Годинава гостуваме во три градови, а она што посебно не радува е тоа дека станува збор за нивни иницијативи. Другите градови очигледно е дека имаат жед за ваков тип на настани. Тоа е разбирливо со оглед на тоа дека немаат многу допир ниту со комерцијалните филмски остварувања, а за поуметнички филм и настани од ваков формат воопшто не станува збор. Сеуште нема интерес од општините, па овие соработки се обавуваат преку ангажманот на разни друштва и организации. Условите се ограничени, но ентузијазмот и природата на овие настани дозволуваат поалтернативен пристап.

Постоите веќе шест години. Колку е тешко да опстане еден ваков алтернативен фестивал?

Точно, веќе шест години постои оваа иницијатива, но ова е втора година како сме надвор од матичниот факултет и сместени во Кинотека на Македонија. Сериозноста во пристапот порасна, но она што е важно да се разбере е дека ова е плод на ентузијазам и отворената поддршка пред се од кинотеката, Филозофски факултет, останатите партнерски организации, а годинава и од Град Скопје. Тоа што е поалтернативен фестивал, ни дозволува и поалтернативно да го изведеме, така што успеваме да функционираме во различни услови.

Какви се очекувањата за оваа година?

Ако судиме според ланскиот одзив, кога имавме полни сали и немаше доволно места за сите кои дојдоа на проекциите и предавата, мислам дека и годинава ќе имаме супер посетеност. Очигледно е дека ова е платформа која што градот ја бара и се надевам дека ќе продолжиме со воспоставување на овој настан не како нешто специјално, туку како секојдневност и норматив во културното живеење.

Каков е интересот на младите за изучувањето на филозофијата, ако се земе во предвид дека образовните политиките главно ги насочуваат идните студенти кон „попрактичните“ науки?

Интересот за филозофијата секогаш бил присутен кај нас. Филозофскиот факултет е воедно и најстариот факултет на УКИМ, така што станува збор за историја од скоро еден век, поточно 96 години. Важно е да се разбере дека филозофијата никогаш не била од широк народен интерес. Таа во извесна смисла успешно се изучува во помали групи, каде секој ќе има простор и време да ги развива своите мисли во каршилак со колегите и професорите. Годишно околу 40 студенти се запишуваат на институтот за Филозофија, што и покрај сите квадрати, секогаш било доволна бројка за активно филозофско јадро на факултетот. Тоа сигурно е далеку помала бројка во споредба со “попрактичните“ науки, но токму тој мал обем е предуслов за интимноста во која се трага по смислата.