Тимот на Фронтера Македонија објави повик за учество во две активности на организацијата, Фронтера вечера и Теракамп кои се наменети за млади луѓе на возраст од 20 до 35 години, од Охрид, Струга и поширокиот Југозападен регион. Целта на активностите е формирање заедница од млади луѓе, тренери и експерти кои ќе помогнат и ќе пружат поддршка во започнување заеднички бизниси или кооперативи во југозападниот регион на Македонија. Програмата е интензивна, амбициозна и забавна и се состои од следните два настани.
Фронтера вечера (12 мај 2016, Велестово, Охрид)
На 12 мај, повеќе од 100 млади луѓе од Струга, Охрид и поширокиот југозападен регион на Македонија ќе се соберат во Охрид за целодневна програма, која вклучува дискусија и работа во групи. Во вториот дел од денот, водени од искусни готвачи, учесниците ќе се вклучат во подготовка и поставување на заедничка вечера во село Велестово, над Охрид.
Храната, обичаите и препознатливите јадења поврзани со овој регион се призмата низ која ќе се зборува за предизвиците и можностите во заедниците.
Теракамп (13-15 мај 2016, Солферино, Струга)
Триесет, од сто учесници на вечерата ќе бидат избрани за учество во Теракампот за социјално претприемништво, којшто ќе се одржи од 13 до 15 мај во хотел Солферино, во Струга. Одбрани врз основа на нивните индивидуални идеи за локални иницијативи или бизниси од социјален и одржлив карактер, во рамките на тридневниот тренинг, под водство на искусни тренери и експерти, учесниците на Теракампот се очекува да формираат тимови со кои понатаму ќе ја развиваат и спроведуваат заедничката идеја.
Аплицирањето трае до 20 април 2016 година, а апликантите ќе бидат известени за исходот најдоцна до 27 април. Пријавата и повеќе информации за иницијативата се достапни на веб страницата www.fronterra.mk.