Нејќам да си одам. Сакам да одам кај моите на ручек во недела, да ги јадам топлите кифлички на мајка ми и да знам дека секогаш после ручекот ме чека благо.
Нејќам да си одам. Сакам со најдобрата другарка да одам на Водно, да се силиме дека ќе одиме пешки до крстот и на крај да отидеме со жичарата до горе за да гнетеме под пладневното сонце.
Нејќам да си одам. Сакам да имам кому да дотрчам ако ми е тешко, да знам дека само десет минути ме делат од утехата што се наоѓа само во силна прегратка. Десет минути. Не десет илјади километри.
Нејќам да си одам. Нејќам да морам некому по Viber да му кажам „Те сакам“ и да не добијам одговор поради лошата конекција. Нејќам да заспивам сама или уште полошо, до човек што не го познавам. Не ме плаши темнината, ме плаши туѓината.
Нејќам да си одам. Сакам да ги истражувам неоткриените убавини на мојата Македонија, да одам на Шара, Галичица, Бистра…Нејќам да одам некаде каде нема што веќе да се истражува или каде што нема потреба уште некој тоа да го прави. Нејќам да си одам знаејќи колку сум тука потребна. Не како Бисера, како еколог.
Нејќам да си одам. Нејќам да морам моите деца да ги носам со чартер летови во земјата од која што потекнуваат и нејќам да морам да им објаснувам зошто се расплакувам на „Со маки сум се родила.“ Нејќам да не можам да им направам ајвар на ќумбе, како што мене баба ми ми правеше, и да им го сервирам со сиренце за доручек.
Нејќам да си одам. Нејќам да си отидам и да морам да живеам со вината дека зад мене сум ги оставила моите родители сами, дека сум ги оставила сите луѓе кои ме направиле човекот што сум денес, дека сум го оставила единствениот дом што сум го познавала.
Нејќам да си одам. Нејќам да си одам со сознанието дека веќе не сум една од оние кои се борат за подобро утре. Нејќам да ги оставам моите блиски, идни колеги, сограѓани да се дават во оваа квази-држава или да се компромитираат себеси за да можат да ги нахранат своите деца.
Нејќам да си одам. Но, пробав и со двоглед и со телескоп да гледам кон иднината и гледам само магла. Гледам страв и болка и раздор и…не можам веќе да гледам, очите ми се полни со солзи. И не ми е јасно како оние во чии раце е моќта да го спречат тој раздор, седат мирни во своите фотељи, под изговорот дека ние сами го предизвикуваме?
Нема да си одам. Нема да ви дозволам да победите, ниту вие, ниту било кој нареден кој ќе се обиде да го утнети мојот народ. Нема да се задоволам со коските кои ни ги фрлате и ќе побарам повеќе. Ама не надвор, туку во мојата држава. И ако ништо друго не успеам да променам, барем знам дека во иднина ќе одгледам деца кои ќе бидат способни да формираат сопствено мислење и кои нема да молчат пред неправдата. И гордо ќе им ги покажам сликите од деновите кога нивната мајка била на протест.
Бисера Влахова