Пред неколку години младата Себијан Фејзула си замина од Македонија, за своето образование да го продолжи во Унгарија, со желба догодина да запише и докторски студии во Шпанија, од областа на визуелното претставување на жените Ромки. За Радио МОФ вели дека мора да се смени начинот на презентирање и адресирање на проблемите со кои се соочуваат Ромите, но и дека нивниот живот во Македонија е политички манипулиран и контролиран. Од друга страна, додава, невработеноста и потребата за сигурност имаат голема улога при одлучувањето на младите дали да заминат или останат во земјава.
Пред неколку години заминавте на студии во Централниот Европски Универзитет (ЦЕУ) во Будимпешта. Која беше причината за оваа одлука и зошто студии во Унгарија, а не во Македонија?
Централно-европскиот универзитет е институција која има развиено различни академски фокуси. Причината поради која што одлучив да аплицирам беше тесно поврзана со потребата за интелектуално и академско развивање, развивање на критичко мислење и аргументирано дебатирање, потребата за развивање на иновативни академски истражувања, продуцирање на ново знаење, а не повторување од книгата на професорот, која беше/е честа практика во македонското образование. ЦЕУ е институција која што се фокусира и ја следи мисијата на вредностите на отворенот општество со посебен фокус на интердисциплинарен пристап кон глобалните прашања кои ги засегаат различни малцинства. ЦЕУ е место каде што јас не само слободно можам да ги практикувам моите културни вредности туку и ја нуди таа уникатност на мултикултурност и разновидност помеѓу интернационалната заедницата.
Зошто не Македонија? Различни причини кои не се тесно поврзани само со образовниот систем туку и целокупниот македонски политички пристап кон различни прашања и активности како и влијанието и последиците произлезени од таквиот пристап.
Што е она што во моментов го работите и какви можности ви отвори меѓународното образование?
Работам како програмски координатор на Програмата за припрема на млади Роми за меѓународно високо образование во рамките на Централниот Европски Универзитет во Будимпешта. Се работи за програма со која преку интензивна академска припрема во избраното поле, интензивни часови, секојдневно академско дебатирање и аргументирање и преку продуцирање различни академски артикли, се припремаат млади Роми од различни држави за меѓународни магистерски студии. Програмата нуди можност не само за академско развивање на студентите, туку и нивно активно вклучување во прашањата на политиките за Ромите во Европа.
Меѓународното образование ми помогна да разберам и развијам стратегии и политики поврзани со различни групи, со посебен фокус на Ромите, конкретно,политичкиот и секојдневниот пристап кон проблемите на жените Ромки. Ја разбрав академијата и моќта што постои внатре, станав свесна што еден публикуван академски актикл значи. Кога се работи за Ромите и нивното преставување во академијата, тоа е поле на кое што треба да се работи многу, особено затоа што “знаењето“ и наративитите (narratives)за Ромите билe од секогаш создадени од некој друг, полни со стереотипи и предрасуди кои што придонесле да се развие рацизмот кон Ромите. Академијата и продуцирањето на ново знаење за Ромите преку intersectionalпристап стануваат мој фокус на делување.
После магистрирање во ЦЕУ, девет месеци живеев во Гранада, Шпанија, и работев со Универзитетот на Гранада, каде што истражував за можностите и последиците на миграцијата на романските Роми во Шпанија. Академските истражувачки способности кои ги стекнав во ЦЕУ, ми помогнаа да ги запазам сите етечки компоненти на антрополошко истражување, пишување и начинот на адресирање на проблемите преку академско пишување за одредена група.
Гласна сте кога станува збор за залагање за правата на Ромите во Македонија, но и во светот. Од временска и просторна дистинца, каков е животот на Ромите во земјава и што треба се менува?
Македонија е држава која и покрај тоа што ромската интелигенција делува преку политички партии, институции и граѓански сектор, сепак, проблемите со кои Ромите се соочуваат се дневно присутни и повикуваат на итно залагање за истите. Првите шест месеци од 2015 година ги поминав на истражување за етничкото профилирање на Ромите во границите на Република Македонија, во рамките на Европскиот центар за правата на Ромите (ЕРРЦ). Правев интервјуа со тие Роми кои били вратени од границите иако ја имале целокупната потребна документација, сепак, не биле пуштени да ја поминат границите. Разговарав со различни организации/фондации кои го адресираат проблемот. Истражувањето го потврдува постоењето на етничкото профилирање на Ромите во нашата земја. Наскоро, истражувањето ќе се публикува и очекувам дека ќе придонесе кон сериозно повикување на власта за решавање на постоечкиот проблем.
Моето и отсуството на неколку колеги од Македонија придонесе кон создавање на академски медиум, Ромалитико. Идејата за формирање на овој академски медиум произлегува од иницијативата на авторите јавно да дискутираат за ромските политики во Република Македонија затоа што дискусијата за ромските политики на национално ниво, а и европско е ограничена. Тимот на Ромалитико се состои од алумни на Централно Европскиот Универзитет. Оваа иницијатива има за цел комплементарно да придонесе во политичката култура на ромската заедница вклучувајќи јавна и конструктивна дебата за сегашните и идните политички и социо-економски процеси во нашата држава.
Животот на Ромите во Македонија е политички манипулиран и контролиран. Младата ромска заедница се прилично ограничени кога се работи за нивното присуство и ангажман во политички активности. Кога зборувам за политичко вклучување не реферирам на партизирано вработување, туку на адресирање и залагање за прашањата и проблемите со кои Ромите се соочуваат. Суад Скендери од Ромалитико, во неговата статија Можноста за учеството на младите Роми како лидери на ромските политички партии во Република Македонија заклучува дека ромските политички партии ги контролираат амбициите на младите Роми кои треба да ја преземат улогата на лидери во Република Македонија.
Треба да се смени начинот на презентирање и адресирање на проблемите со кои Ромите се соочуваат, наместо да се нарекуваат “ромски проблеми” и да се направи категоризација на една група, со цел да се одбегне одредена одговорност (држава – граѓани), треба да укаже и прифати дека тоа се политички и социо-економски проблеми кои ги зафаќаат ромската заедница како последица на долгогодишна стигматизација и дискриминација на истата група.
Голем број од младите, високообразовани Роми во потрага по подобар живот и можности се обидуваат да заминат од земјава. Според вас, кои се главните причини за ваквата состојба?
Горенаведените причини, невработеноста и потребата за сигурност заземаат голема улога при одлучување дали да си одиме од нашата држава или не.
А што треба да се смени во Македонија за Себијан Фејзула да се врати назад?
Хм…..,верувам листата е голема, меѓутоа битно е да се сфати дека самите ние, како индивидуи имаме одредена одговорност кон креирање на политики кои не засегаат. Кога ќе се развие таа свесност, мислам дека работите ќе бидат подобри.
Ј.Ј.