Група македонски граѓани што живеат во Холандија, вчера до Амбасадата на Македонија во Хаг испратија писмо со кое изразија целосна поддршка на Шарената револуција и на сите барања на граѓанското движење #Протестирам. Тие упатија писмо до Амбасадата на Република Македонија во Кралството Холандија, како што велат, огорчени од самоволието на режимот, но и охрабрени од масовната мобилизација на илјадници граѓани кои ја започнаа ткн. Шарена Револуција.
Нивните барање се:
– Итно повлекување на одлуката за аболиција на сите оние против кои се води истрага и против кои е покренато обвинение од страна на Специјалното јавно обвинителство (СЈО);
– Итна и неотповиклива оставка на Ѓорге Иванов од функцијата Претседател на Република Македонија;
– Произнесување на Уставниот суд за уставноста на СЈО;
– Формирање на специјално одделение на Кривичниот суд, кое ќе биде надлежно за случаите под јурисдикција на СЈО;
– Итно повлекување на одлуката за одржување на парламентарни избори на 5 јуни;
– Задолжително вклучување и присуство на независни претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата;
– Формирање на преодна влада која докрај ќе ги имплементира итните реформски приоритети од извештајот на Прибе.
Претходно, протестни собири се одржа и во Амстердам, Њујорк, Виена и Франкфурт.