Под мотото „Креативни умови, обединете се!“, во среда, 11 мај, во 19.30 часот, во кино „Фросина“ во МКЦ, ќе биде промовирано Здружението на џез музичари и слободни уметници (ЗЏМ) и за првпат пред пошироката јавност ќе бидат презентирани целите и планираните активности на здружението.
Здружението на џез музичари и слободни уметници има задача да ги обедини љубителите на џез музиката – џез музичарите, слободните уметници, студентите од џез академиите, но и сите ентузијасти и помагатели на овој вид уметност.
Главната цел која ги обединува активностите на ЗЏМ е да се даде придонес во афирмацијата на македонската џез музика преку унапредување на продукцијата и застапеноста на авторската џез музика создадена и изведувана од страна на македонски џез композитори и музичари, па оттука да се зголеми и нивната медиумска присутност и застапеност на фестивалите во земјава и надвор од неа.
Во активностите на здружението се вбројува и едукацијата на млади таленти и музички ентузијасти која ќе се спроведува преку организираните работилници во текот на годината, и на кои ќе држат предавања дел од членовите на Здружението, кои веќе во голем број се професори на Факултетите за музичка уметност во Скопје и Штип, а можно е да бидат повикани и едукатори од странство.
Здружението на џез музичари и слободни уметници ќе организира и различни тематски џез настани кои преку својата урбана димензија уште повеќе ќе ја доближат џез културата до публиката.
Во рамки на Здружението функционира и Биг бенд во кој членуваат дел од членовите на Здружението, но често пати се повикуваат и гости од странство со кои членовите остваруваат успешна соработка. Биг Бендот изведува композиции создадени од македонски џез композитори од помладите генерации, вклучувајќи и дела од големите великани и основоположници на македонската џез музика.
Настанот, кој вклучува и концертен дел во кој ќе настапат дел од членовите на здружението, е слободен и отворен за јавноста, без потреба од претходни резервации и билети.