Поддржана од Женевската фондацијата Lombard Odier Foundation, оваа работилница има за цел да ја истражува релацијата помеѓу младата генерација и универзалните и секогаш актуелни теми што ги отвара античката драма на Софокле.
Прашањата за правото на избор, идентитетот, жртвувањето, како и индивидуалната слобода која се соочува со тоталитарната моќ, ќе бидат клучни теми на оваа работилница. Преку разни театарски средства, работилницата ќе се обиде да открие како се одразуваат тие на денешната младина, кое е нивното значење денес и како истите се манифестираат во различни земји како Грција, Македонија, Кипар, Германија, Франција, Босна, Србија и Северна Ирска.
Постигнатите резултати ќе бидат документирани и ќе послужат како основа за креирање на нова адаптација, од која подоцна во Женева ќе се реализа театарска претстава.
Работилница ќе се одвива на англиски јазик, под водство на Ана Розман – Кис. Учеството е бесплатно и претходна подготовка не е потребна. Исто така, учесниците не мора да имаат претходно искуство во областа на театарот, ниту да ја имаат прочитано драмата.
Право на учество имаат млади луѓе, професионалци или аматери, на возраст од 15 до 30 години.
Работилницата ќе се одржи во петок на 13 мај, во кино „Култура“ и ќе трае вкупно четири и пол часа. Терминот за почеток е 13:00 часот.
Користејќи се со методите на Theatre in Education и Forum Theatre, работилницата ќе се одвива низ дискусии, вежби, импровизации, креaтивно пишување, ќе се чита и интерпретира текст.
Сите заинтересирани можат да се пријават на: kinokultura2015@gmail.com
Бројот на учесници е ограничен.
Ана Розман – Кис во моментов живее и работи во Женева. Уште од рани години почнува да се занимава со театар и работи на претстави во повеќе театарски училишта, како и во разни театарски компании во Женева. Потоа оди во Будимпешта каде што завршува на отсекот за театарска социологија и педагогија, а подоцнна учествува во осмислување на младинските програми во некои од најзначајните тамошни театри како што се Katona Joysef Theater i Schilling Arpads Kretakor.
Продолжува да работи во оделот за театарска педагогија во Grips Theatre во Берлин. Нејзина прва режија, работена како независен театарски проект е претставата Хамлет од Вилијам Шекспир, која била селектирана во програмата на Националниот младински фестивал во Швајцарија. Исто така, таа има работено со бегалци и мигранти во прифатилиштата во Женева, каде предавала француски и држела театарски работилници.