Во центарот Јавна соба, на 19 мај ќе се отвори изложбата на фотографии насловена „Имагинарен град“, на Александар Наумчески, како дел од 18 Биенале на Mакедонската архитектура – БИМАС 2016.
Изложбата е во организација на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, а ја следи главната тема на биеналето – рециклираната архитектура.
Имагинарен Град е серија од генерирани урбани сцени и детали настанати со преработка на кадри фотографирани во повеќе градови. Фотозаписот настанат при фотографирањето на различните локации служи како алатка во креирање на нови архитектонски / графички решенија. Процесот претставува своевидно проектирање преку фотографија.
Имагинарен Град се фокусира и на аспектите на динамика наспроти статичност на градот. Во неколку серии, кои се дел од проектот, обработени се темите: промени, развој, згуснување, растење, мултипликација и повторување.
„Градот и архитектурата се подложни на постојани промени со текот на времето, во состојба без конечна, заклучена форма, динамични системи со подеми и падови. Неретко заради промените, било да се општествени, политички, културолошки или економски, објектите и нивната функција стануваат непотребни, надминати, неисплатливи. Тогаш, или се заменуваат со нови, развој кој може да зафати и поголеми рамки на урбана четврт која се трансформира во форма, структура и функција, или објектот ја задржува старата форма вдомувајќи во себе нова функција. Градот е во постојана состојба на рециклирање, реоформување, редефинирање. Нашите сеќавања за градот се фрагменти, просторни и временски исечоци, инсерти“, се вели во најавата за изложбата.
Нејзиното отворање е најавено во 20 часот.