Третиот по големина град во американската држава Колорадо, Аурора, ќе издвои 1.5 милиони долари од приходите од даноци од продажбата на марихуана, која е легална во оваа држава, за помош на бездомните луѓе. Парите ќе ги добијат локални организации кои им помагаат на граѓаните со мали приходи околу домувањето и комуналните услуги.
Овие пари се една третина од вкупните приходи на градот од продадената марихуана за рекреативно користење, кои изнесуваат 4.5 милиони долари. Се работи за двегодишна програма на градските власти за згрижување на што поголем број граѓани кои во моментов не можат да си дозволат покрив над глава.
Колорадо во 2014 година стана првата американска сојузна држава во која е дозволена рекреативната употреба на марихуаната. Само во минатата година, државата имала приходи од марихуана во износ од речиси милијарда долари (996 милиони).