Поради досега ограничената застапеност на женски фигури во емоџите (невеста, принцеза и танчарка), Гугл воведува уште 13 карактери кои ја прикажуваат современата жена како работничка.
Нееднаквата застапеност меѓу машките и женските емоџи беше тема на неодамнешна кампања, #LikeAGirl. Инспирирани од контроверзијата, четири вработени на Гугл предложиле план да воведат рамнотежа во изборот на емоџи. Поради тоа, оваа недела беше објавен план кој ќе воведе женски емоџи кои „подобро ќе ги одразат важните улоги кои жените денес ги играат во светот“.
Making unicode emoji less basic with 13 true-to-life representations of professional women: https://t.co/aSOBFkKMGa pic.twitter.com/BfKMSSXgpg
— Google Design (@GoogleDesign) May 11, 2016
„Каде и да гледате, жените добиваат видливост и препознавање како никогаш порано“, напишале вработените на Гугл. „Нели е време и емоџите да ја одразат реалноста дека жените играат клучна улога во секој аспект на животот и во секоја професија“?
Доколку бидат прифатени од Unicode Consortium, непрофитна организација која развива и промовира софтверски стандарди, во изборот на емоџи ќе има и бизнис жена, докторка, здравствен работник, научник, студентка, технолог, работничка во фабрика, жена вработена во индустријата на висока технологија, механичарка, фармерка, готвачка, учителка и музичарка.
Иако целта на предлогот е да се портретираат професионални жени во важни сектори на економијата, сите карактери ќе имаат и соодветно машко емоџи.
Авторите ја нагласуваат и важноста на портретирањето на полово-неутрални емоџи за „инклузивно претставување на сите луѓе“, пренесува Mashable.