По кратка пауза, Контра кадар во Скопје вечерва се враќа на сцена, овој пат со проекција на документарните филмови „Bomb.it 2″ и „Live Life Like (KCBR)“, кои зборуваат за различните форми на изразување на уличната уметност. Проекциите се закажани со почеток во 20 часот, во кино Култура.
„’Мандарините поскапеа, а ти уште си ми скарана“, е графит кој побудил насмевка на многу од нас и што докажува дека уличната уметност низ различни форми независно дали е само обичен текст или некоја прекрасна слика успева да допре до нас и да побуди емоции“, велат од Контра кадар.
Документарниот филм „Bomb.it 2″ е дело на Jon Reiss познат продуцент, режисер и писател. По тригодишно патување во Азија, Европа, САД, Австралија тој го прикажува светот низ призмата на уличната уметност. Jon ги претставува локалните артисти, нивните стилови и влијанијата на околината кои ги мотивирала односно кои ја оформиле таа графити култура. (KCBR) LIVE LIFE LIKE, пак, е радикален и модерен документарец за една од најактивните графити екипи во Цирих.
По проекцијата, следува дискусија со едни од попознатите графити уметници во Македонија, Хром, Драш, Руки и СРК, на која ќе се зборува за тоа како македонската околина ги мотивира овие уметници и колку е развиена македонската графити култура.