Љубителите на електронската музика, на 16 јуни на Скопско лизгалиште ги очекува целовечерниот настан SOUNDBOX кој за прв пат во Македонија претставува двајца познати диџеи од американската сцена, Green Velvet и Erick Morillo.
Ексцентричниот Green Velvet е еден од водечките техно и хаус диџеи во светот познат по култните нумери „Flash“, „La La Land“, „Answering Machine“, но и бројни хитови кои го дефинираа техно жанрот. Херојот од денс музиката Erick Morillo пак е платинестиот добитник на престижни награди, основач на легендарната Subliminal Records и врвен светски промотор на сите стилови на хаус музиката.
Покрај нив, во листата на изведувачи за овој настан кој ќе трае повеќе од 6 часа, се диџеите Александар Мисковски и Маци Стојановиќ кои ќе го претстават звукот на домашната електронска сцена.
SOUNDBOX настанот во организација на Password Production и EEMM Group, ќе се одржи на 16 јуни на Скопско лизгалиште.
Green Velvet зад себе има 6 студиски албуми, вклучувајќи го и последниот „Unity“ објавен минатата година како заедничко издание со Carl Craig. Тој се издвои од легендарната чикашка сцена уште со првите хаус синглови „Coffee Pot“ и „Brighter Days“, кои ги објави под името Cajmere. Музичкото алтер-его Green Velvet го добива подоцна поради сајберпанк изгледот кој го објаснува како влијание од David Bowie и психоделичниот фанк состав Sly and the Family Stone. Но, повеќе од имиџот, она што ексцентричниот Velvet го издвојува од остатокот на диџеј сцената е користењето на сопствениот вокал во наративен манир и со автентични стории кои ја надополнуваат неговата музика. Во 2013 година тој беше на првото место на листата на најпродавани електронски изданија со неговиот албум „Unshakable“, а покрај тоа признание, хит-синглот „Bigger Than Prince“ стана еден од најголемите електро-хитови годината и беше официјално највртениот сингл за време на престижниот „Amsterdam Dance Event“ – најголемиот собир на светската електронска сцена во Европа.
Erick Morillo, повеќе од една деценија важи за еден од најбараните и најпрепознатливите диџеи во светот, со ремикси за многу големи имиња, од Whitney Houston до Basement Jaxx, од Sneaker Pimps до Macy Gray. Тој ги освои врвовите на светските топ-листи и оствари платинеста продажба како продуцент на хитот „I Like To Move It“ на Reel 2 Real, а е добитник на разни престижни награди како оние за најдобар хаус диџеј во 1999 и 2001 година и најдобар светски диџеј во 2002 година на „Pacha Ibiza Awards“. Во 1997 тој ја оформи денес легендарната етикета „Subliminal Records“.